March 29, 2024

Саможртвата на битолските Евреи за денешната слобода и независност на Македонија

По повод 80 години од депортацијата на битолските Евреи, Сојузот на Борци од НОАВМ 1941-1945 и граѓаните продолжувачи се огласија со објава во која ги потсетуваат и едуцираат младите генерации за жртвата на сите од Втората светска војна.
„Окупацијата на Битола од германските нацистички и бугарските фашистички сили донесе недоживеано насилие, нечовечност и страшна бруталност врз жителите не само македонци и други, туку особено врз евреите на кои им биле одземени најелементарните човечки права, дури и правото да постојат како суштества.
Реонскиот комитет на КП во февруари 1942, упатил проглас – „Новите освојувачи ве лишија од сите права повеќе одошто македонскиот народ… ве сметаат за луѓе од понизок ранг… откако ве ограбија и уништија, ве депортираат до сигурна смрт. Сите вие – Турци, слободољубиви Албанци, Власи и Евреи – здружете се со македонскиот народ за да ја урнеме фашистичката тиранија и да ја ослободиме Македонија – земјата што сите ја делиме“.
Одговарајќи на овај повик во јули 1942 овие евреи се приклучиле кон ПО „Дамјан Груев“: Виктор Мешуљам – Бустрико и Пепо Песо- Цане, во септември 1942 кон ПО „Јане Сандански“: Бено Русо-Коки, Нахмијас Мордо-Лазо, Нисим Алба-Мики, Мордо Тодолано-Спиро, Арон Ароести, а во април / мај 1943 кон ПО „Гоце Делчев“ и ПО „Дамјан Груе⓬: Соломон Садикарио- Мо, Самуел Садикарио-Симо, Алберт Касорла-Берто, Алберт Русо-Коте, Ментеш Ишах-Киро, Жамила Колономос-Цвета, Естреја Овадија-Мара, Адела Фараџи- Ката, Естела Леви-Лена и Роза Камхи.

Фото: Сопственост на Фонд на Холокаустот, Скопје

Кон НОАВМ се приклучиле и Исак Сарафати, Исак Фараџи и Марсел Демајо.
Во 1944 година кон НОАВМ сe приклучиле Давид Калдерон-Димче, Луна Ишах, Пинхас Ишах и Пепо Хасон, кои претходно биле во грчките партизански одреди, а во Егејска Македонија борци против фашизмот биле: Алберт Леви, Жак Калдерон, Ментеш Хасон, Симо Калдерон.
Во Србија во борбата против фашизмот учествувале: Рафаел Батино и Хаим Садикарио, а во Словенија: Јозеф Овадија и Лазар Ишах.
Учесници во НОАВМ биле и Аврам Анаф-Бато, Давид Романо, Виктор Пардо, Ели Фараџи, Моис Шами, Мориц Романо и др.
Во ослободителната антифашистичка борба својот живот го положиле: Естреја Овадија- Мара, Нахмијас Мордо-Лазо, Арон Ароести, Пепо Песо-Цане, браќата Самуел и Соломон Садикарио, Исак Сарафати, Рафаел Батино, Марсел Демајо, Аврам Анаф, Исак Фараџи и др.
Со формирањето на регуларните единици, овие борци зазеле високи воени и политички позиции во баталјоните, бригадите и дивизиите, се до конечното ослободување на фашизмот и нацизмот.
Во НОАВМ учествувале 37 лица, од кои 13 загинале. На сите нив вечна им слава и благодарност. Во наредниот период следуваат серија на објави во чест на евреите борци од НОАВМ.

Извор: Сојуз на борци -Битола

Фото насловна: Yad_Vashem_Hall_of_Names_by_David_Shankbone


1034