Партиски фејсбук препукувања по средбата на Мицковски и Коњановски со стопанственици од Битола

Најпрвин, вчера доцна попладне, откако заврши средбата на Мицковски , градоначалникот Коњановски и голем дел од членовите на Регионалната стопанска комора со седиште во Битола, се огласи СДСМ. Во видео-огласувањето на СДСМ на својот ФБ профил партијата поставува прашање „Со кого ќе оди на избори Мицковски во Битола“ и набројува неколку водечки партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ кои ги поврза со кривични пријави поднесени од полицијата.
Денеска од битолската ВМРО-ДПМНЕ реагираат: „Тоа што бегате од избори, буквално како ѓавол од темјан, а зборувате за нив, само покажува во каква хипокризија сте западнале и дека апсолутно сте обезглавени од тоа што во изминатиов период во Битола, и граѓаните, ама и Вие сте сведоци дека локалната власт предводена од ВМРО ДПМНЕ и градоначалникот Коњановски – онака како што ветија, во силно сојузништво со граѓаните секојдневно ги решаваат предизвиците, а и последиците од вашето четиригодишно, ама погубно локално владеење. За жал, сеуште сте во неумесен обид на манипулација со граѓаните и сопственото членство и упорно ги игнорирате фактите дека како никогаш до сега, благодарение на Вашата неспособност граѓаните се жртви на распадната економија и екстремна сиромаштија, буквално на работ на голо преживување.“ Во Фејсбук соопштението продолжуваат: „Не е лошо премиерот Ковачевски да го прашате дали следниот негов чекор ќе биде великодушно да им подели (на граѓаните н.з) некој рецепт како да ги подготват „поефтините“ макарони или и тоа го чувате само за Вашата распадната, десеткувана и разочарана партиска војска!“
Во видео-обраќањето од СДСМ се наведуваат и обвинувања за ќерката на пратеничката Д-р Олга Лозановска, којашто во меѓувреме побара јавно извинување за искажани невистини.
