April 17, 2024

На окупација и асимилација, одговорот е – револуција!

Пишува Страшо АНГЕЛОВСКИ

Зборувајќи со Македонците на најразлични средби, па и оние по пазарите и улиците, читајќи ги коментарите на социјалните мрежи, ми станува повеќе од јасно дека македонскиот народ е огорчен, незадоволен, дури и со многу оправдан бес во себе. За жал, збунет до бескрај, бидејќи пропагандата на СДСМ бесрамно го лаже за “успесите“ во владеењето и за “започнатите“ преговори со ЕУ, додека Владата на ДУИ брутално го освојува политичкиот, економскиот, културниот, урбанистичкиот, (не)безбедносниот и криминалниот… простор во државава, растргнат меѓу лажниот “европски пат“ и непостоечката “руска пропаганда“, дури како да не знае што му се случува. Зачудено следи и не знае како да му одговори на злото што го навасало.

Во политиката, исто како и во медицината, најпрво мора да се воспостави дијагнозата за да се пронајде лекот, погрешната дијагноза може само да ја влоши состојбата. Незнаењето или несакањето да се соочат со вистината што се случува во државава, пројавено кај мнозина како погрешна дијагноза, го одложува решавањето на проблемите.

Затоа, одиме по ред.

                    ПРВА ФАЗА – ОКУПАЦИЈА

На почетокот да дефинираме дека Република Македонија е внатрешно и надворешно окупирана држава. Окупацијата, како и секоја друга, започна со физички напади на државните институции. Преку таканаречената “Шарена револуција“, беа нападнати институциите на државата, министерствата, Владата, институцијата Претседател на државата, за да заврши со напад на законодавниот дом – Собранието на Република Македонија.

Првично, тоа беше збирштина од (не)владини платеници, (мало)граѓански активисти, криминално-наркомански трагачи по слободно место под сонцето, родово неосознаени креатури, нереализирани Че Гевара револуционери, заостанати удбашки инсталации, членови на политички партии кои 11 години апстинираа од власт, помогнати од “револуционери“ од соседството носени со автобуси во акциите против државните институции. Во завршната фаза им се приклучи и “петтата колона“ предводена од Груби и неговата криминална “елита“, како веќе осмислено сценарио од надворешните окупатори – нивните евроатлантски спонзори. Дури подоцна, откако преку насилството, како одлика на секој окупатор, ја зазедоа државата и нејзините институции, се дефинираа во некакво северномакедонско племе кое, од петни жили запнува да биде нова нација на окупираната територија. Значи, по насилното, антиуставно и незаконско освојување на законодавниот дом, создавајќи незаконско парламентарно мнозинство, формирајќи Влада по примерот на Петен, ги освоија сите државни институции, со што заврши првата фаза во борбата на северномакедонската збирштина – окупацијата на Република Македонија.

                             ВТОРА ФАЗА – АСИМИЛАЦИЈА

Откако окупаторите беа меѓународно-правно признаени токму од нивните спонзори – евроатлантската заедница, со што се легализира насилната окупација и инсталираната Влада на скудноумниот Заев, како после секоја окупација, започна втората фаза – процесот на асимилација на окупираниот македонски народ.

Асимилаторите, по примерот на многуте такви кои поминале но, од македонскиот народ биле протерани од овие простори, што ќе им се случи и на овие последниве, најпрво го променија името на државата – според името на нивното окупаторско, вештачко, тукуштоизмислено северномакедонско племе. Па поитаа да го инсталираат во меѓународно правниот промет, што беше итно прифатено од евроатлантската заедница како ново легализирање на окупаторските власти.

Потоа, според старите проверени методи, асимилацијата продолжува со несмалено темпо, па, најпрво, во монтирани судски процеси се осудуваат на драконски казни луѓето што ја бранеле Македонија од окупаторите за да се внесе страв кај окупираното население, се заменуваат имињата на сите македонски институции и им се даваат имиња на окупаторското племе; се уништуваат доказите за историското постоење на македонскиот народ, а на оние кои остануваат скудноумните им закачуваат таблички дека не се дел од македонската историја; се раздава дел по дел од македонската историја онака како некој сосед ќе посака; се менуваат учебниците и целиот образовен процес се прилагодува на потребите на асимилаторите; се брише постоењето на Македонската Православна Црква и се создава нова црква според името на северномакедонските окупатори и асимилатори; се брише македонскиот идентитет и се создава нов идентитет според окупаторското и асимилаторското племе, со што се забранува македонскиот идентитет во личните документи на секој Македонец, не се гради ниту создава туку немилосрдно се ограбува македонското богатство создавано низ вековите…

                            ОДГОВОРОТ Е – РЕВОЛУЦИЈА

И, доколку се навратиме низ историјата, во времето на српската или бугарската окупација на Македонија (иако има разлика, бидејќи денешново тукуштоизмислено племе изврши напад и окупација врз суверена и независна држава, што би морало да биде осудено од меѓународната заедница), ќе видиме дека методите и целите се исти – да се асимилира и претопи македонскиот народ во заедницата на окупаторот. Македонецот да стане Србин, Бугарин, а еве денес, Северномакедонец.

Процесот на асимилација во време на српската и бугарската окупација течел според истите правила – се суделе и ликвидирале оние кои се спротивставиле на окупацијата; се заменувале имињата на институциите; се уништувале или краделе историските артефакти како доказ на македонското постоење; се менувале учебниците и се учело според програмата на окупаторите; црквата се затворала во рамките на црквите на окупаторите; се забранувало се’ што асоцира на македонски идентитет во личните документи; се ограбувало се’ што ќе се произведе за потребите на окупаторот и асимилаторот…

Македонскиот народ, за среќа, ги препознавал окупаторите и асимилаторите. Ги препознавал и нивните спонзори меѓу големите европски сили, И, кревал револуции, ја отфрлал окупацијата и ја оневозможувал асимилацијата. Притоа, свесен дека пријателот на окупаторот е негов непријател, не се обраќал за помош и не коленичел пред него, туку се потпирал на себе и својата сила. Токму затоа, “Ослободувањето на Македонија мора да биде дело на македонскиот народ“ – е единствената безвременска парола.

Наместо заклучок – одговор на секоја окупација и асимилација е револуција потпрена на сопствените сили. Појасно – здравје. Ние, денешниве Македонци треба само да учиме од нашите дедовци и да останеме доследни на нивните дела.

(авторот е претседател на МААК)

Ставовите искажани во рубриката Колумнa се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на pelanet.mk. Редакцијата на pelanet.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.


1155