April 16, 2024

Младите и безбедноста на личните податоци: Нова криза на повидок?

Повредата на приватноста е невидлива, но пече повеќе и од рана на телото.

Без приватност нема здрав живот. Но во времето во кое живееме, човекот е на сигурен пат да ја изгуби својата приватност во целост. А најстрашно е што de facto е „уценет“ сам да си го стори тоа.

Денес во 21 век огромно мнозинство од нас живее во два паралелни светови: реален и дигитален. Затоа цитатот „мислам, значи постојам“ искажан на сленг произлезен од социјални мрежи може се толкува како: „препознаен сум или јавен сум, што значи постојам“. Токму на овој начин им се одзема индивидуалноста и приватноста на поединците.

За време на пандемијата на ковид-19, значително се забрза пенетрацијата на дигиталните услуги, особено кај младите. Глобалната употреба на видео конференции, апликации за комуникација, online продажбата е зголемена за повеќе од десет пати споредбено со употребата пред почетокот на пандемијата.

Според последните мерења на јавното мислење во Република Медононија од страна на ИРИ, 53% од категоријата младо население на возраст од 18 до 35 години, вестите ги добиваат преку интернет. Како што се зголемува употребата на дигитални алатки, така се зголемува и количината на генерирани и прибрани податоци.

Меѓутоа тука се поставуваат прашањата: Што значи ова во однос на нашата информациска лична безбедност? Кој ги поседува нашите најлични информации? Дали нашите приватни податоци се безбедни и заштитени!?

Приватноста е едно од основните права кои спаѓаат во сферата на сигурност и безбедност. Се поврзува со интима, прибежиште, заштита и како таква таа имплицира силна потреба од чување. Користењето на социјални мрежи претставуваат еден вид брзи машини за навлегување во приватноста на луѓето. Во однос на правото на приватност, исклучиво од нас како физички лица зависи што ќе споделиме и дали ќе откриеме нешто за себе.

Истовремено правото на заштита на личните податоци е одговорност на државата. Под ова право се подразбира злоупотребата на приватноста од страна на друго лице, кога државата преку надлежен орган треба да обезбеди заштита, во случајов преку Дирекцијата за заштита на личните податоци.

Сајбер способностите на една организација или државна институција пропорционално растат со поголема свест и разбирање за сајбер ризиците и нивните лични улоги и одговорности на вработените во управувањето со нив. Тие би требало да стануваат поголеми со зголемувањето и на ресурсите кои се вложуваат во софтверската заштита, едукацијата на вработените, обновувањето на системите, нивното чување и безбедност.

Гледаме дека денес идентитетот, финансиските услуги, личните податоци, здравствената заштита и патувањата се подложни на сајбер напади. Заканите можат да го тангираат речиси секој поединец, а одбраната од сајбер закани е многу сложена. Употребата на вештачка интелигенција е во пораст и ја трансформира безбедноста на информациите и традиционалната безбедност.

Во Кина во врска со дигиталната трансформација и користењето на дата-базите актуелен е системот на Big State, односно државата е таа која го врши надзорот и регулацијата на компаниите што продаваат податоци и на луѓето воопшто. Тука се мисли на реален надзор, но вклучува и обработка на податоци на се она што кружи низ мрежите. Овој систем се одликува со државно-центричен карактер, подложен на корупција и целосна државна контрола на граѓаните.

Додека САД го имаат Big Data моделот, типично за Американскиот модел е тоа што најголемите пет компании т.н. Terrible 5 компании Google, Amazon, Apple, Facebook и Microsoft имаат целосен суверенитет и монопол врз располагањето со податоците на луѓето кои ги употребуваат продуктите, создадени од големите компании, на тој начин се создава простор за манипулација и продажба на податоците со цел профитирање.

Што значи дека ни Кинескиот модел карактеризиран со државо-центричен надзор, ниту пак моделот на САД со монополизираната супериорност на располагањето на податоците на компаниите не се решение и не одговара за Европа.

Во Европа се промовира нешто сосемо ново, Европски модел на дигитален хуманизам кој што ќе избегне било каква монополска позиција на дигиталните компании. Се сугерира дека е потребен нов данок за сите дигитални платформи вклучувајќи ги и медиумите, решавањето на прашањето за граѓанската слобода и демократијата на дигиталната приватност.

Исто така и кај нас повеќе од потребно е да се следи овој светски тренд каде управувањето со податоците од страна на компаниите ќе биде регулирано. Влезени сме во ера на дигитален балон и речиси како да нема начин како да се излезе, меѓутоа има начин како да се уреди.

Не може да оставиме нашите лични податоци да бидат само во рацете на тој што располага со податоците, а прв чекор за тоа да се постигне е преку користење на технологија на отворени кодови и алгоритамска транспарентност. Само со такви мерки може да се случи излез од балонот. Досега алгоритмите се поставени така што се хранат со исти тези, со тоа што веќе нас не интересира и од таа причина не ни останува можност да ја согледаме другата перспектива, што е многу штетно за едно општество.

Сепак, културата за безбедност започнува со самосвесноста и не вклучува сите нас. Личната сајбер безбедност во голема мера зависи од нас и нашите навики. Користење на интернетот, како и електронското зачувување на голем дел од нашите лични и професионални податоци како што се: документи, слики, контакти, кои до неодамна ги имавме само во физичка форма, ги зголемува можностите за сајбер напади кои можат да предизвикаат голема штета на нас како и на организациите и компаниите каде што работиме и делуваме.

Всушност, фактите укажуваат дека човечките активности претставуваат клучен фактор за голем дел од сајбер нападите.

Затоа секогаш мора да бидеме внимателни при: изборот на лозинки бидејќи лозинки кои содржат само мали букви со имиња на нашите најблиски не се доволна и соодветна зашита, отворање на е-пошта, кликнување на веб-линкови, логирање на отворени wi-fi мрежи и ажурирањето на софтверот на нашиот мобилен телефон, таблет или компјутер. Не смееме да си дозволиме наивно да кликаме на секоја информација што ќе ја видиме на социјалните мрежи, исто како што не зборуваме со секој странец што ќе го сретнеме на улица.

Несомнено е дека безбедноста на информациите ќе остане клучен предизвик за нашите општества во наредните години. Основата за зголемување на безбедноста е поголемата општа едукација на луѓето за сајбер безбедноста и градење на слој на одбрана од сајбер напади на национално и глобално ниво. Затоа чувајте ја својата приватност, таа ве прави она што сте!

Марија Милошевска, Потпретседател на Унија на млади сили на ВМРО- ДПМНЕ

Извор: https://www.slobodnaevropa.mk/a/32319488.html?fbclid=IwAR0cUo4HIS0vs1x-zs5eu7OELf7n1TrqWmGl8x79DOrMWuLA8Tc1zxw9eh8

Ставовите искажани во рубриката Колумнa се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на pelanet.mk. Редакцијата на pelanet.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.


1230