Поранешните вработени на Радио Битола одбележаа 73 години од формирањето на првата локална радио станица во Македонија

На 27 март пред 73 години започна со работа Радио Битола, еден од најстарите медиуми во државата, кога за прв пат во етерот на Битола кажа: “зборува Радио Битола на бранова должина од 226,7 метри…” а подоцна: “и на ултра кратки бранови од 102.6 MHz”.
Иако долги години Радио Битола не емитува програма, поранешните вработени,луѓето кои своевремено беа дел од екипата на Радио Битола, ја креирааа програмата и беа заслужни за навремено и редовно информирање на слушателите негувајќи професионалност и стручност како од новинарска така и од техничка гледна точка, го одбележуваат работењето на првата локална радио станица во Македонија. Луѓе од различни генерации и од различни времиња кои придонеле Радио Битола да остане запаметена не само кај секој Битолчанец, туку и пошироко.
Се сретнаа, да ја прослават годишнината, да ја продолжат традицијата, да се дружат за да ги освежат спомените и да се потсетат на убавите денови поминати во “радиото” кое според кажувањата на битолчани и ден денес недостига. Радио Битола работеше се до донесувањето на Законот за приватизација на локалните радиостаници. Последните вести ги емитуваше во 2008 година, за по две години во 2010г, комплетно административно да биде прогласен крајот на радиото.

Фото: Радио Битола на последниот ден емитување програма, сопственост Нова Македонија


Историски факти говорат дека Радио Битола своите зачетоци ги има уште веднаш по ослободувањето на Битола по Втората светска војна, како разгласна станица со звучници од непријателските сили. Вести и сите други текстови за развојот на градот и регионот се претставивале на македонски јазик. Токму во оваа организациона структура на радио Битола од 1944 година се првите корени на македонското радио новинарство. Радиото своите емисии ги емитувало најпрвин двапати во денот, на пладне во 12 часот, и попладне во 17 часот.

Фото: првата генерација вработени, од Монографија за радио Битола

Времетраењето на овие информативни емисии, најнапред траело од 5-10 минути, а потоа од 15-20 минути, во зависност од карактерот и значењето на вестите. До крајот на своето постоење, радио Битола имаше целодневна програма. Во еден период во Радио Битола биле вработени 40 лица и цел еден оркестар, за музичките емисии кои се одвиваа во живо.
Култното радио сеуште е во сеќавањата на граганите.


1245

Задолжително

Verified by MonsterInsights