March 28, 2024

Известување до јавноста во врска со вчерашниот настан во ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“- Битола

„Јас, Наташа Илиева, директор на ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“- Битола и се обраќам на јавноста со намера да ја запознаам со фактите поврзани со вчерашниот немил настан во училиштето. Сметам дека настанот не треба да се злоупотребува од поединци и групи за добивање на партиски или политички поени и дека тоа не е во интерес на учениците и нивното подобро образование.
Вистина е дека една ученичка била во тоалетот кога паднал дел од плафонот. Веднаш по настанот разговаравме со ученичката и, освен вознемиреност од настанот, таа немаше видливи повреди. Затоа, по нејзина волја, ученичката остана до крајот на часовите.

Вистина е дека училиштето се реновираше со средства од Министерството за образование и наука, но тоалетите не беа опфатени со оваа реконструкција.Истите се реновирани пред 4 години со средства од донации. Во овој период, не се појавил некој видлив и значителен проблем во функционирањето на истите и поради тоа не се побарани средства за нивна повторна реконструкција ниту од општината, нуту од МОН.

Треба да се знае дека во училиштето нема стручно лице кое може да предвиди дали и кога би се случил ваков или сличен немил настан. Затоа денес побарав од општината да испрати стручно лице кое ќе ја утврди безбедноста за користење на останатите тоалети во училиштето со цел да се превенираат вакви настани.
Како директор на училиштето разговарав со ученичката и нејзините родители во врска со настанот и останувам во комуникација со нив за се што е потребно.
Воедно, како директор, ги уверувам учениците, родителите и целокупната јавност дека ќе продолжам да се грижам за успешна реализација на воспитно-образовниот процес. Останувам посветена на обезбедување квалитетни и безбедни услови за учење на учениците и работа на наставниците во нашето училиште.“

Фото насловна : од увидот, сопственост на Општина Битола


1044