Паднатиот таван ги разбранува партиите, јавноста револтирана поради заклучокот за наводен обид за прикривање

Паѓањето на дел од реконструираниот таван во тоалетите од средно Медцинско во Битола ги поттикна најголемите спротивставени партии во градот (и државата) повторно да ги испратат вербалните копја носители на обвинувања кој е (по)виновен, кој е (по)неспособен , кој треба да ја понесе одговорноста.
Со изразување жалење и желби за побрзо оздравување на повредената ученичка СДСМ од Битола рекоа „Коњановски откако е на власт во Битола целосно ги заборави средните училишта.“
„Сите ваши лаги по кои сте им веќе познати и препознатливи на битолчани, уште пред подолго време ви се срушени, токму како и срушениот таван во медицинското училиште.“-вратија од ВМРО-ДПМНЕ .


СДСМ образложува „Тоа може да се види и од Извештаите за извршување на буџетот на општината за 2022 година Коњановски потроши 30 милиони евра за една година, но лани не издвоил буквално ниту денар од општинскот буџет за средните училишта. “


ВМРО-ДПМНЕ аргументира „Без срам лажете дека градоначалникот не издвоил ниту денар од општинскиот буџет за средните училишта, а и самите знаете дека лани беа издвоени 26 400 000 денари, а оваа година 48 700 000 денари за купување на информатичка и друга опрема и реконструкција на објекти.“
Од ВМРО-ДПМНЕ уште ги прашуваат своите партиски противници од СДСМ „…зошто директорката на медицинско ја одби финасиската помош кога и беше понудена? Не знаеше ли во каква состојба и е училиштето, не беше заинтересирана или свесно опструираше соработка со локалната власт?“
СДСМ „Инцидент како тој вчера ниту некој замислувал, ниту посакувал и затоа бараме преку соодветни процедури да се расчисти случајот. После 17 месеци власт во Битола, време е раководните кадри на ДПМНЕ да понесат одговорност. И во медицинско и во техничко и во Водовод и секаде каде се огрешиле.“
ВМРО-ДПМНЕ „И последниот инцидент во медицинското училиште, неотповикливо потврдува дека нужно е да си поднесете оставки од позициите-директори, со кои очигледно не можете да се носите! Од Битола, создадовте град во кој од година во година има се помалку првачиња, од училиштата создадовте борилишта помеѓу наставниот кадар, поставувајќи кадри кои не знаат да менаџираат.“
(Интегралните реакции може да се најдат на официјалните Фејсбук страници на двете политички партии.)

Јавноста пак веќе ја плете негативната приказна. Едни сметаат дека паѓање на дел од реконструиран таван неможе да се предвиди, а често се случува. Од другата страна се тие кои бараат од градоначалникот Коњановски да ја разреши директорката затоа што ( и покрај тоа што Илиевска ја информирала Општината) заклучуваат оти имало обид за прикривање на инцидентот. Во вртлогот информации кои ги наметнуваат партиите , граѓаните и средношколците преку социјалните мрежи откриваат детаљи: дека било општо познато дека во тоалетите таванот прокапува, за наводното надмено однесување на директорката којашто нарекувајќи ја ученичката „јунак“пропуштила да им се јави на родителите и, дека требало да ја придружува ученичката во било која медицинска установа и да побара детален преглед и анализи. Некои сугерираат дека виновни се и професорите -доктори кои исто така не ја прегледале повредената ученичка.

Фото: Од увидот на градоначаникот и директорката ден по падот


Сепак, неизвесно е дали Општината ќе премине кон процесот на разрешување. Во март 2022 кога овој состав на Советот и градоначалникот Коњановски требаше да именуваат член на управен одбор во градинките „Естреја Овадија Мара“,Министерсвото за труд и социјална политика експресно и ги одзеде ингеренциите за управување на Општина Битола. Оттогаш и по истекот на мандатот на директорката, Минстерството до Општината испратило 5 различни дописи да ги потсети дека нема ингеренции (читај нема власт) врз 9 објекти организирани во „Естреја Овадија Мара“.


1025