April 25, 2024

Археолозите за денеска најавија протест

Македонското археолошко друштво поради законските измени, за денеска најави протести бидејќи според нив со ваквиот потег се овозможува бескрупулозно легално уништување на културното наследство… Бараат поддршка од пратениците, сите културни работници и јавноста.

„Во името на Македонското археолошко друштво и целокупната стручна фела го повикуваме пратеникот Arbër Ademi / Арбер Адеми, како овластен предлагач, и останатите пратениците предлагачи итно да го повлечат предложеното дополнување на Законот, а Владата да не дозволи заради бизнис интересите на одредени политички дисиденти да биде инвеститор во уништувањето на заедничкото културно наследство кое треба да го оставиме на идните генерации. Воедно апелираме до пратениците во Собранието на РС Македонија да ја разбудат својата свест и совест, да го спречат донесувањето на криминални и штетни измени во Законот за заштита на културното наследство.“- пишуваат на својата официјална Фејсбук страница.

Упатија апел на денешниот протест да им се приклучат претставници од Министерството за култура, од Управата за заштита на културното наследство, од установите за заштита, како и сите засегнати граѓани. Сметаат дека предложените измени и дополнувања се направени без консултации и вклучување на стручната и научната јавност, чија професионална дејност е да го истражува и заштитува културното наследство, согласно Уставот и релевантните закони.

Измените предвидуваат доколку за време на изградбата на автопатите специфично Коридор 8 се пронајде археолошко наоѓалиште изведувачот на градежните работи, тоа да го пријави до надзорниот инженер, наместо како до сега до надлежната јавна установа за заштита или до Министерството за внатрешни работи.

Фото насловна: Google мапа на познатите археолошки локалитети во Македонија


1019