April 25, 2024

Потребата за изградба на Коридор 8 и 10д изгласана, ВМРО-ДПМНЕ предвидува се’ во проектите од старт ќе пробива рокови и буџет

Дел од пратениците денеска, на 112 парламентарна седница ја изгласаа потребата за носење на законите поврзани со израдба на македонскиот дел од паневропските коридори. Дел од партиите што се во владеачката коалиција беа воздржани , па и против, но измените и дополнувањата се направени со просто мнозинство од 62 гласа „за“.Направени се посебни/специјални измени во Законот за земјоделско земјиште, Законот за експропријација, Законот за урбанистичко планирање, Законот за минерални суровини, Законот за работни односи, Законот за шумите, Законот за градење, Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, сите по по скратена постапка.


Пред почетокот на седницата беа повлечени измените на Законот за културно наследство.
Итната постапка без дискусија на експертската јавност, измени предложени од пратеници без потпис на Владата и скратената постапка беше повод пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да побара јавна расправа на сите засегнати страни. Координаторот на нивната пратеничка група, пратенкот Никола Мицевски рече „Во јавноста алармот е вклучен на најјако. Граѓаните, експертите, невладините, медиумите, реагираат гласно и реагираат со право. И се додека во овој, во суштина теоретски добар инфраструктурен проект е обременет со сомнежи и координатори на проектот од типот на Артан Груби, се додека се бира надзор на сомнителен и матен начин, се додека се доставуваат закони во Собрание во петок за понеделник, се додека пратениците се потпишуваат на овие законски решенија за процедурата, а не Владата која што бега и која што на чуден начин се потргнува одговорноста ќе провејува фактот дека сомнежите со желба за корумпирање, криминал и матни зделки ќе бидат дел од овој проект“, истакна координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Никола Мицевски на денешната собраниска седница.

„Дел од забелешките кои ВМРО-ДПМНЕ како пратеничка група ги имаме за Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8, со овој договор ќе има огромни финансиски импликации на Буџетот. Со членот 5 од Законот и од одредбите од договорот со кои се предвидуваат пенали заради доцнење на поединечните обврски кои ги има државата, нема да може објективно да се исполнат бидејќи државата на старт ќе доцни со секој од овој проект и ќе предизвикаат енормно зголемување на чинење на целиот проект. Законот за експропријација – државата, односно Управата за имотно-правни односи ниту има кадровски

потенцијал, ниту има време со оглед на роковите во Договорот за експропријација на земјиштето, особено со оглед на тоа што се уште постои урбанистички план согласно кој ќе се утврдат границите на земјиштето што ќе треба да се експроприра. Нема да се знае кое земјиште е трајно и кое времено ќе се експроприра. Законот за измена на Законот за урбанистичко планирање предвидува и разработува постапка за нешто ексклузивно урбанистички проект без проект, а со предлог-законите за Законот за културно наследство, Законот за минерални суровини и со Законот за шумите повторно се врши груба повреда на амандманот од Уставот, односно повторно се дава неконтролирано ексклузивно право на изведувачот без да се мисли на последиците кои можат да ги предизвика. Дополнително, изведувачот се ослободува од ДДВ со Законот за јавен интерес и стратешки партнер, и кое ослободување ќе влијае на финансиската конструкција на проектот, рече Мицевски. И ДОМ се загрижени за привилегиите што се даваат на изведувачите.


За СДСМ ова образложение на опозицијата е намерно наштетување на угледот на државата во проект за патишта што не се реализирал во последните 70 години, за ДУИ предложените измени на сите закони е овозможување ефикасност во изградбата на државните патишта согледан низ јавниот интерес.
Со денешното изгласување на потребата од изградба на Паневропските коридори во Македонија, предложените измени и дополнувања на сите закони во врска со реализација на градежните проекти треба да ги разгледуваат најпрвин соодветните комисии, а потоа за нив да се расправа и гласа на пленарна седница.


1018