April 18, 2024

Археолозите протестираа, Собранието го повлече предлогот за измени во Законот за заштита на културното наследство, засега без дискусија колку досега се почитува

„Денешниов јавен собир на Македонското археолошко друштво е апел до пратениците во Собранието на РС Македонија, до Владата, и целокупната јавност, да ја разбудат својата свест и совест и да спречат усвојување на измени во Законот за заштита на културното наследство со кои бескрупулозно и свесно се уништува културно наследство со катастрофални последици, во име на „поголем јавен интерес‟, зад кој всушност се крие профитерска зделка од огромни размери“ -стои во пишаниот став и апел на македонскит археолози. За нив предлогот е дрзок и нетранспарентен начин за озаконување на неповратно уништување на култуно наследство под закрила на државата.

Фото: слика од екран, Google македонски археолошки наоѓалишта

„Господа пратеници, отворете ја Археолошката карта и ќе видите дека во регионот каде се предвидени инфраструктурните зафати за Коридорите 8 и 10д веќе постојат регистрирани археолошки локалитети, кои не се случајно откритие. Што со нив? И со нив ли ќе постапува надзорен инжењер? Па, Законот за заштита има предвидени одредби за постапување со културното наследство при изведување на инфраструктурни проекти, кои важат за сите, а треба да важат и за овој проект. Дали сте свесни дека делницата Требеништа – Струга – Ќафасан е дел од светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, под заштита на Унеско? Дали сте свесни колку закони и меѓународни конвенции кои се ратификувани во оваа држава ќе прекршите со дигањето рака „за‟ овие измени? Господа пратеници, свесно уништување и прикривање на културно наследство е кривнично дело, без преседан кога во тоа е вклучено највисокото тело на државата која всушност треба да се грижи за истото.

Фото: од денешниот протест на археолозите


Претседателот на собранието Талат Џафери денеска на почетокот на седницата на која се утврдуваше потребата за изградба на Коридор 8 и Коридор 10 а , информираше дека предлагачите на измените го повлекле својот предлог, па пратениците денеска не гласаа за овој предлог.

Фото: оштетеното археолошко наоѓалиште Влахо


Предложените измени не може да се гледаат надвор од последните случувања во Пелагонија , археолошкото наоѓалиште Влахо, Забрдо, кога во интерес на истражување за ископ на јаглен, концесионерот направи оштетувања на археолошкиот локалитет Влахо. За потсетување, и покрај предупредувањата од битолскиот Завод и Музеј, концесинерот продолжи да ископува во локалитетот, се додека не се вклучи јавноста и надлежните институции и органите на прогон беа приморани да поднесат барање за судска забрана. Слично искуство Пелагонија има и со обид за градба на верски објект во селото Лажец ( 2005 година). Реконструкцијата на џамијата во селото Меџитлија во 2017 година врз археолошката тумба не доби силен медиумски одзив, но тогаш надлежните од Завод и Музеј тврдеа дека конзервираниот археолошки наод е целосен.

Фото насловна : машини врз археолошкиот локалитет Влахо,

Центар за истражување предисторија


1020