April 25, 2024

Градоначалникот Коњановски одржа состанок со координативното тело за изработка на генералниот урбанистички план за Битола

Општина Битола, активно работи на изготвување на најважниот стратешки документ кој се однесува на планирањето на градот и е поврзан со неговиот понатамошен развој. Во врска со овој документ и досегашните реализирани постапки за изработка на новиот генерален урбанистички план, градоначалникот Тони Коњановски и претставниците на општинската администрација, денес одржаа состанок со членовите на координативното тело.
На состанокот, беше истакнато дека, во моментот се работи на дополнување на ажурираната подлога која е изготвена во периодот 2016/2017 година.


Од страна на Општината, се изготвуваат хидролошката студија, која треба да биде готова идниот месец, како и сообраќајната студија, за која дефинирани се условите и најдоцна до идниот месец ќе биде објавена постапка за јавна набавка за изработувач на студијата.
Со средствата обезбедени од проектот „Баир“, ќе се изработат 12 студии неопходни за новиот ГУП кои треба да бидат завршени до крајот на месец септември, а од страна на јавното претпријатие за урбанистичко планирање како главен изработувач на ГУП изготвен е динамички план за работа и предлог планска програма која е доставена на разгледување до Комисијата за урбанизам.
На состанокот беше потенцирано дека, на овој начин, Општината продолжува на најтранспарентен начин да работи на изготвување на новиот ГУП, со вклучување на стручната експертиза, невладините организации, советниците од Советот на општината, како и сите релевантни субјекти од оваа област.
Во насока на изготвување на квалитетен план, координативното тело, ќе одржува состаноци еднаш месечно, а за редовно информирање на јавноста ќе следуваат и работилници и јавни расправи до изготвување на новиот ГУП, кој ќе го замени постоечкиот донесен во 1999 година.

Извор: Општина Битола


1028