April 25, 2024

Проектот преку кој се прекршија интересот на граѓаните и интересот на партиите

Подигнувањето на времените објекти – монтажните гаражи од неколку локации во градот започна во 2022 година, на ул. Цане Василев, кај Ат Пазар, зад „Јагода“ и зад „Јат“, на улица Димитар Илиевски -Мурато (поранешна Борис Кидрич) .


Проектот преку кој се прекршија интересот на граѓаните и интересот на партиите, официјално и според закон својата реализација ја најде во развојната програма на Општина Битола 2023-2025 г , со официјален наслов „ Употреба и одржување поплочен простор со одводнување и осветлување“. За комплетна реализација како што ветиле советниците кои најмногу се залагаат за тој простор, на Општината и требаат 7 000, 000 денари. Средства кои не биле планирани во Буџетот за 2023 година заради отсуство на техничка и друга документација.

За ова советниците на ПОИНАКУ имаа многу прашања упатени до општинската администрација – Дали има проект? Дали навистина се потребни 2 години? и, Уште колку одлуки треба да се донесат на Совет за да се среди тој простор? Прашањата ги доставиле и писмено до Општината и надлежните служби, но, според Габриела Илиевска, одговорот бил „политички“ и ги споменувал само одлуките коишто се донесени на Совет , а потпишани од неа како претседател на Советот.


Проектот („ЈАТ“) според надлежните од Одделение за комунални дејности и уредување на градежно земјиште треба да се реализира низ неколку градежни фази, во рок од една година, а финансискиот дел од проектот ќе се реализира во две години.
Првата фаза треба да биде поплочување на платото на кое е предвидена катната гаража.
Втората фаза, улицата којашто поминува таму , за која се работи проект за инфраструктура, па потоа ќе треба изработка на основен проект за коловозот.
И според процедурите кои мора да се следат, првиот чекор пред да се влезе со работници, е јавна набавка за избор на изведувач. За тоа се потребни иницијални средства од 1 милион денари, а до крајот на поплочувањето и ставањето во функција уште 6 милиони денари.
За да се распише тендер и да се направи постапката, распределбата на средства е направена во 2 години, а проектот е составен дел од Развојната програма 2023 – 2025 година. За измените со кои се овозможува почеток на проектот советниците требаше да гласаат на 26 седница на Советот на Општина Битола. Штом советниците го усвојуваат предлогот, администрацијата може да работи. Штом ги имаат одобренијата за градба, ќе можат и да поплочуваат.
Затоа што се работи за развојна двегодишна (отворена) програма, 1 милион денари ќе бидат пренаменети од програмата за партерно уредување на дворот на Офицерски за која во буџетот има предвидени 23.000,000 денари, а досега сите административни постапки се завршени и таму веќе се работи. Во буџетот за следната година ќе се „вратат“ средствата, односно повторно ќе бидат испланирани.


Во моментов, според информациите од Одделението за комунални дејности и уредување на градежно земјиште, следен во постапка за јавна набавка е паркинг просторот на ул. Цане Василев, а за паркинг просторот зад „Јагода“ и на АтПазар се работи на техничка документација. Постапката не е едноствна ниту лесна, затоа што на сите тие места во градот има потреба од инфраструктура за одводнување, нивелирање и нивелетни споеви и осветлување, што подразбира и работа на повеќе изведувачи.


На последната седница на Советот на Општина Битола, на која оваа измена беше ставена за гласање, „За“ гласаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но не и советниците од ПОИНАКУ.

Фотографии: Општина Битола


1026