March 29, 2024

Денес продолжение на 26 седница на Совет на Општина Битола – Дали апелот на ВМРО-ДПМНЕ за помирување ќе биде уважен ?

За денеска во 10.00часот е закажано продолжението на 26 седница на Советот на Општина Битола.
На дневен ред останаа уште согласности по одлуки за линеарно зголемување на платите на вработените во јавните и комунални претпријатија , одобрување на одлуките за зголемување на цените на некои од услугите на ЈКП „Нискоградба“ и „Паркинзи“ кон Општината, Иницијативата за доделување на финансиска помош во висина од 10.000,00 денари по семејство на неправедно осудените од настаните на 27 Април, 2017 година од советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, решенија за Програмите за екскурзии на основните училишта и разрешување и именување на членови на неколку општински комисии.

За љубителите на политиката разбрана како партиски чекори сепак поинтересно е дали помирувачкиот тон од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде прифатен од советниците на ПОИНАКУ со кои победниците на локалните избори од 2021г го имаат потребното мнозинство.

Последната седница, според многумина, го покажа климавото сојузништво за кое и двете страни велат дека не е коалиција туку постизборен договор.

Имено, на седницата којашто не е завршена, претседателката Илиевска најави дека советниците на Поинаку, како и во текот на гласањето за дневниот ред, ќе се изземат од гласање. Несекојдневниот политички чекор ги зачуди советниците на големите партии,ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои соочени со опасноста од попречување на работата на Општината за проектот „ЈАТ“ мораа заеднички да гласаат „за“.

Следниот чекор го презедоа советниците од СДСМ. Како што вообичаено бива во битолскиот Совет, големите не си ги гласаат финансиските извештаи и завршни сметки, но, тие секогаш мнозинството ги усвојува. Овојпат од кујната на СДСМ дојдоа негативните „пофалници“ за директорите на комуналните претпријатија, градоначалникот и претседателката на советот, а заминаа советниците.

Илиевска ја прекина седницата, закажа координација ( на која координаторите на советничките групи се договараат за заедничката работа на телата на Советот ) и заедно со своите колеги ја напушти салата за седници.

Ниту од ПОИНАКУ, ниту од СДСМ, ниту од ВМРО-ДПМНЕ не информираа дали имало координација, којашто требаше да се одржи во 14.30 часот.

Еден час подоцна, во 15.30ч, повикувајќи се на чл. 56 од Деловникот на Советот половина од советниците ја продолжија седницата, која повторно беше прекината во моментот кога го немаше потребниот број за да може да се носат полноправни одлуки.


1055