„Треба тој народ да се разбуди од петвековниот сон којшто го направил Македонецот доста дебел…“
Насловот е само една реченица од писмото на Гоце Делчев испратено до Ефтим Каранов (Македонец кој живеел и работел и како антрополог во Бугарија а имал тесни врски со сите промакедонски движења) од 1895 година, што го објавува http://www.makedonijaese.com/ a е во врска со ставот на Гоце Делчев за добро подготвено востание.
” Господине Каранов
Пред неколку недели г. Чакаров се јавил со офицерска униформа (чин поручник) во Виница со намера да прогласи внатрешно востание!
Благородна намера!
Нема поопасен лек од оној со кој се зафатил Чакаров.
Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешно востание.
Оној кој мисли дека Македонија ќе се ослободи поинаку, тој се лаже и себеси и другите.
Но кои се тие што ќе се кренат на востание? Г-н Чакаров ли?
Ако востание може да се крене со 1-40 души, Македонија одамна ќе беше слободна државичка.
Но бидејќи тоа е невозможно, а треба луѓе, тогаш што треба да се прави?
Треба тој народ да се разбуди од петвековниот сон, којшто го направил Македонецот доста дебел во свеста човечка правина. И тоа ако не целиот народ, барем дел од него па тогаш наместо г. Чакаров да бара 40 души, ќе го бараат него 400, за да застанат под неговото знаме.
Ако не стане така и ако се прогласи востание, жално ќе биде за народот, а тешко и горко за виновникот.
Жално е зошто залудно ќе се изгубат најмлади сили (едни по зандани, други по бесилка), ќе се остават невини Македонки на самоволието на скотските и жестоки страсти на дивјаците и најпосле ќе останат под јатаганот на азиецот 5-годишни деца и 70-годишни старци и за сето тоа виновникот ќе биде одговорен и пред својата совест и пред народот и пред историјата”.