„Паркети“ и „Зоки – Агресор“ имаат нов хит: „Pornoboungiorno“
По излегувањето на нивниот последен албум со наслов „Treinta Putos Anos“ во 2021 година и последната песна со наслов: “Дојди да ме бакниш бејбе“ која ја промовираа во февруари годинава, битолскиот панк – рок бенд „Паркети“ има нова песна. Овој пат „трансформираните“ битолски панкери решиле малку да им се вратат на корените преку своевидна заедничка соработка со еден „стар шизик“ од скопската панк-рок сцена – некогашниот лидер на групата „Рок Агресори“ , Зоран Трпков, попонат како „Зоки – агресор“.
Нивната заедничка тема носи наслов „Pornoboungiorno“ (Добредојде порно). Музички, во нивен стил, жесток панк-рок со кус риф кој вози и минималистички текст со стихови кои со малку зборови многу кажуваат. Енергично, тензично, кусо, ама бомбастично, конкретно и ефектно. Па, кој ја сфатил пораката – ја сфатил, што во една минута и дваесет и некоја секунда колку што трае песната ја испраќаат, кој не… мора да е навлечен.