СЕМАКЕДОНСКА СРЕДБА “БЕЛОМОРСКИ ВИДУВАЊА 2023“

Во организација на Македонското патриотско здружение В’мбел Егеј од Скопје, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија “Свети Герман“ од Скопје, Здружението на граѓани “Сонцето од Кутлеш“ од Скопје, Роднокрајното здружение “Загоричани“ од Скопје и Здружението на Македонците по потекло од Егејскиот дел на Македонија “Мирка Гинова“ од Штип, денес, во ресторанот “Градина“ во Скопје се одржа традиционалната Втора семакедонска средба “Беломорски видувања 2023“.
Присутните ги забавуваа естрадните уметници Бојана Скендеровски и Миле Кузмановски, а со сплет на народни песни и ора од Егејскиот дел на Македонија се претставија членовите на Ансамблот “Јонче Христовски“ од Скопје.
Семакедонската средба “Беломорски видувања 2023“ е дел од Шестата светска средба на децата бегалци односно насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија ‘2023, а во знакот на одбележувањето на 75 години од егзодусот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година!
На Семакедонската средба “Беломорски видувања ‘2023“ присуствуваа претседателот на Македонската академија на науките и уметностите проф.д-р Љупчо Коцарев, секретарот на Скопската епархија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија отец Ванчо Умленски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф.д-р Христијан Мицкоски, градоначалникот на Општина Гази Баба Бобан Стефковски, претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров и претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија Александар Јаневски.
Во името на Неговото Блаженство г.г. Стефан Архиепископ Охридски и Македонски присутните ги поздрави и благослови секретарот на Скопската епархија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија отец Ванчо Умленски.
Посебен поздрав до присутните во името на Македонците од Пиринскиот дел на Македонија упати Ристо Џупанов од ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН.
Присутните ги поздрави претседателот на Македонското патриотско здружение В’мбел Егеј од Скопје Сотир Лукровски.
Организаторите на донаторите им подарија благодарници – на сопственичката на ресторанот “Градина“, градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски и етсрадните уметници Бојана Скендеровски и Миле Кузмановски.
Посебна порака по повод Семакедонската средба “Беломорски видувања’2023“ упати претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија, Александар Јаневски.
Неколку стотини Македонци од Егејскиот дел на Македонија остварија прекрасна дружба на која евоцираа спомени од Граѓанската војна во Грција, насилното прогонство од Егејскиот дел на Македонија, со надеж догодина повторно обединети да ја продолжат традицијата.
