April 18, 2024

„Да се биде“ – започнува 24 интернационален фестивал на Монодрама во Битола

Со претставата „Жени во Собрание“ на НУ Театар Комедија од Скопје, вечерва во Битолскиот театар започнува 24 издание на интернационалниот фестивал на монодрама.

„Носиме импресивна низа на нови, но и етаблирани актери од многу земји: Естонија, Монголија, Италија, Шпанија, Црна Гора, Косово, Израел, Србија, Хрватска, Литванија и се разбира наши домашни македонски актери. Ова е и единствениот фестивал на монодрама во нашата земја, а и еден од ретките на Балканот„ – вели Маја Андоновска Илијевски, директорка на Центарот за култура што 24 години е организатор на овој значаен фестивал за театарот во Македонија.

„Секоја година расте фестивалот во квалитет и квантитет. Годинава имаше најмногу апликации споредено со минатите години, а необично е што најголемиот број на апликации дојдоа од Израел. Во едно вакво време кога сме нападнати од не знам какви се̍ не кризи, да се организира ваков фестивал кој трае девет денови со 13 претстави во официјална конкуренција и 2 претстави во чест на гостите на свеченото отварање и затварање, да се угостат актери од 11 земји, за мене е рамно на подвиг“, вели селекторот на фестивалот, актерот Пепи Мирчевски.

„По пауза од повеќе од 15 години го обновуваме конкурсот за монодрамски текст. Една од основните причини зошто беше основан овој Фестивал пред многу години, беше токму да се прошири идејата за монодрама како кај актерите да играат во монодрами, така и кај драматурзите, да ја пишуваат. Се радувам што се враќаме на оваа некогашна иницијатива, а в година очекуваме да се изберат прва, втора и трета награда , да се откупат текстовите и да се издадат во книга која ќе биде пормовирана на идното јубилејно 25. издание на фестивалот“,- вели Љупка Коларевиќ Паевиќ, претседател на Советот на Фестивалот и идејниот творец на овој фестивал.

„Сцените се подготвени да ги дочекаат актерите кои ја слават монодрамата и ќе се потрудат да остават траен впечаток кај верната публика, која за овој фестивал со огромен интерес го полни гледалиштето. Покрај возбудливите изведби, публиката на фестивалот ја очекуваат и работилници за пантомима, како и богата офф програма која ќе го направи градот жив надвор од театарските сцени, нешто по што е позната оваа установа од култура кога станува збор за настаните кои ги организира.“ – велат организаторите на овој фестивал кој е финансиски поддржан од Министерство за култура, Општина Битола, амбасадата на Кралство Шпанија во Македонија.

Секако , „ќе се реализира и благодарение на креативци вклучени во подготовките, на волонтерите и спонзорите кои придонесуваат за континуираниот успех на фестивалот.“

Извор: Центар за култура/фестивал на Монодрама


1081