April 17, 2024

Данокот на имот како поттикнувач на партиска врева

„Коњановски да ги повлече решенијата за данок на имот наместо да ги малтретира битолчани“ – порачаа денеска од СДСМ со констатацијата дека решенијата за данок на имот се со трипати повисока сума споредувано со лани. „Согласно измените на Законот за данок на имот кој се применува од 2022 година, Општината беше должна минатата година да отпочне со процес на ревизија на пазарната вредност на недвижниот имот и да ја намали сумата на износот на данок на имот заради годините на старост на објектите. Исто така, Општината требаше да утврди кои сопственици не го користат својот имот за сопствени потреби или не го издаваат во закуп и врз основа на тоа да го пресмета данокот на имот кој треба да го плати граѓанинот. “- велат во реакцијата од СДСМ. Според партијата, Општината тоа не го направила, а решенијата со повисок износ за данокот на имот биле испратени и до сопствениците на деловен простор кој го издаваат. И сметаат дека со тоа директно е прекршен Законот за данок на имот, а Битолчани непотребно изложени на дополнителни трошоци за изјави на нотар и тековна состојба од централен регистар. На крај велат: „Бараме Коњановски да го почитува Законот за данок на имот, да ги повлече доставените решенија, да ја утврди фактичката состојба на имототе на граѓаните, па потоа да достави нови решенија за наплата! “

Градоначалникот Коњановски и Општината на ова експресно одговорија: „Решенијата за Данок на имот се изготвени согласно законските измени донесени на предлог на Владата“ .

Па потсетуваат , „Откако на предлог на Владата, во јуни 2021 година, Собранието го усвои Законот за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот, се наметна зголемување на трошоците за граѓаните по повеќе основи:

  • согласно член 6 став (5) Државата, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, како и физичките и правни лица кои нема да пријават дека не користат недвижен имот кој е во нивна сопственост, ќе платат данок по стапка пет пати повисока од пропишаните стапки во ставот (1) од овој член.
  • Согласно член 6 став (2) Стапките на данокот на имот можат да се утврдуваат според видот на имотот.
  • Согласно член 6 став (3) Стапката на данокот на имот за земјоделското земјиште кое не се користи за земјоделско производство се зголемува три пати во однос на стапката од 0,10%.
  • Согласно член 6 став (4) Стапките на данокот на имот за другиот недвижен имот од член 2 , зградите-станбени згради или станови, деловни згради и деловни простории, административните згради и административните простории, згради и станови за одмор и рекреација и други градежни објекти, како и инсталациите подигнати врз нив или под нив и трајно споени со нив, а кои не се користат од сопственикот или не се издава под закуп подолго од шест месеци во текот на една година, се зголемуваат за три пати во однос на стапките пропишани во член 6 став (1). “ – велат од Општина.

Инаку, измените на Законот за данок на имот стокмени во 2019 , а усвоени во 2021, освен измена на даночната стапка – висината на парите кои физичките и правни лица треба да ги платат, носеше и нови дефиниции за одделни поими, зголемување на даночната основа кај прометот на недвижности и можноста за ревизија на пазараната вредност на имотите од страна на општините. Истовремено и намалување на пресметаниот данок во висина од 50% за обврзникот на данокот на имот за едностанбен или повеќестанбен објект за домување и двор (земјиште) во кој живее (член 9 од Законот за даноците на имот) заедно со даночни ослободувања за данокот на наследство на втор наследен ред за земјоделски недвижнини кои се во функција на земјоделско производство.

Е затоа Општина Битола неколкупати преку медиумите испратиле и соопштенија и повици до жителите на општината за ажурирање на податоците, но , од досегашните реакции кои стигнуваат до нив, очигледно многу Битолчани не кажале каде живеат, не ги промениле своите адреси, а правните лица не кажале што од деловните објекти користат.

Општината понатаму соопштува :

„Поради тоа, Општина Битола ги повика даночните обврзници (правни и физички лица кај кои настанале промени во имотот), до 31 јануари 2023 година, да поднесат даночна пријава за утврдување на данок на имот за 2023 година за:
1.Имотот што го стекнува даночниот обврзник или почнува да го користи во текот на годината или ако по некоја друга основа настанува даночна обврска;
2.Имотот кај кој настанале промени во вредноста (доградба, надградба, довршување,проширување и сл.);
3.Имотот кај кој настанале промени во сопственоста (осигурување и сл.);
4.Сите даночни обврзници (правни и физички лица) кои поседуваат имот што се оданочува, а кои до 2022 година не поднеле пријава за утврдување на данок на имот.
Во однос на правните лица, дополнително општината ги презема податоците од Централен регистар, врз основа на што се врши понатамошна обработка на истите.

Општина Битола, со цел да им излезе во пресрет на граѓаните, овозможува ажурирањето на податоците да се прави и во овој период, по добивањето на решенијата, иако за тоа беше предвиден периодот до 31 јануари.
Општината постапува согласно законските процедури и во ниту еден момент нема да дозволи наплатата на данокот на имот да биде на финансиска штета на граѓаните.


Токму затоа, било какви обвинувања, во оваа насока се непотребни и неосновани.“ – завршуваат во својот одговор Градоначалникот и Општина Битола.

Фото: https://www.freepik.com/


1058