May 19, 2024

Градоначалникот бара вонредна седница на Советот на Општина Битола, претседателката на Советот не била изненадена (ДОПОЛНЕТО)

Еден месец по контроверзната седница на Советот на Општина Битола којашто започна со претседавање на претседателката Габриела Илиевска, а заврши со претседавање на советникот Марица Тодоровска , носителите на двете највисоки општински функции се огласија на Фејсбук.

Градоначалникот д-р Тони Коњановски денеска, преку Фејсбук побара одржување на седница на Советот.

„Во време кога потребно е да се носат одлуки за важни прашања за локалната самоуправа, претседателката на Советот, извесно е дека нема намера веќе еден месец да закаже седница на Совет. Измина половина месец мај, а претседателката, иако треба да се грижи за организацијата и работата на Советот, очигледно ја заборавила својата должност.
Ова е дополнителна потврда за несериозноста и неодговорноста кон граѓаните кои и ја дале својата доверба, за да може, преку Советот, да се иницираат промени и да се реализираат проекти.
Се наоѓаме во период на полн ек на градежната сезона, како и период во кој имаме можност за обезбедување финансиски средства од меѓународни фондови за реализација на проекти од витална важност за Битола.

1Од крајна итност е донесување на Одлука за изградба на велосипедски патеки, за да може да се пристапи кон издавање на одобрение за градење и реализација на овој проект оваа градежна сезона.

2Потребно е Советот да донесе одлука и за аплицирање за финансиска поддршка од УНДП, вклучувајќи и општинско кофинансирање за Проектот: Каскадно уредување на коритото на реката Драгор.

3Советот неопходно е да го усвои и извештајот изготвен од Комисијата за проценка на штети од минатогодишните поплави, за да може граѓаните кои пријавиле штети да бидат соодветно обесштетени.

Администрацијата ја заврши својата работа, на ред е Советот.

Затоа, барам Претседателката Габриела Илиевска, веднаш да закаже вонредна седница, на која ќе бидат разгледани и усвоени наведените точки, за да може реализацијата на проектите и постапките непречено да се одвива.

Доколку, кај неа не постои желба за нови проекти во Битола, тогаш очекувам иницијатива на најмалку една третина од членовите на Советот за свикување на вонредна седница со наведениот дневен ред, со што заеднички ќе ја покажеме нашата должност за исполнителност и одговорност кон граѓаните кои ни ја дадоа довербата и од нас очекуваат работа и резултати. “

Престедателката на Советот Габриела Илиевска не остана должна, па го искористи истиот медиум за комуникација:

„Читам од сабајле … градоначалникот на фб бара да се одржело седница?!
Ама не сум изненадена оти пред помалку од еден месец насилно ја “истераа” седницата, па можи не знај градоначалникот која е процедурата за свикување и одржување на една седница на совет.
Срамота е на фб да се покажват јунаштини.
Да ви беше гајле за Битола и за проектите денес низ град ќе имаше нови камиони за ѓубре, видлив нов парк “по димензиите од проектот”, нови паркинг места и уреден простор секаде кај шо се турнаа гаражите, немаше да вработвате по список од партија, немаше да делите пари на роднини и пријатели, немаше да ви смета шо има три независни советници кои една и пол година ве молеа да работите и со кои заради “кучињата низ град” се скаравте. Да ви беше гајле за Битола немаше да потрошите 40 милиони за култура, а низ градот една нова канта и клупа нема клаено или шо би рекол колегата Ivan Culakoski дури фекалии течат по улици ние играме и пејме.
Никој не ви смета да работите, со тајни договори заради лични интереси на секоја седница “наоѓавте чаре” да ви помини нешто.
Освен сликање и пеење во Офицерски друго ништо нема видливо во градо.
А кога сме кај сериозноста, да ја имавте, немаше да си играте со довербата која ја добивте од битолчани.
И не ги замарајте луѓето со вашата неспособност за соработка, ние сите сме избрани за да работиме за доброто на битолчани, за жал Вие одбравте да работите за лични интереси на неколкумина. “

По објавата на овие двајца, со соопштение, се огласија и советниците од СДСМ. „

„Егото и суетите на градоначалникот Тони Коњановски и претседателката на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска ја блокираа Битола!
Граѓаните им ја дадоа довербата на последните локални избори за да го водат градот, а не за да го кочат! ДПМНЕ и Поинаку да ги заменат тастатурите со мотики! На Фејсбук се најсилни, ама животот не е на социјалните медиуми! Поинаку и Илиевска да престанат да се однесуваат како “ни риба, ни девојка”! Власта носи привилегии, но носи и одговорност. Нека ги тргнат личните интереси настрана и да се откочи работата на Советот на Општина Битола бидејќи граѓаните се поважни од рејтингот! “ – реагираат од оваа партија.

На крај, советниците од ВМРО-ДПМНЕ ја поажаа својата подготвеност за седница.

На Фејсбук објавија: „Согласно барањето на градоначалникот на општина Битола за свикување на вонредна седница на Советот на општина Битола, согласно член 53 од Деловниот за работа на Советот на општина Битола советничката група ќе поднесе барање за одржување на вонредна седница и барање за одржување на редовна седница согласно програмата за работа на советот.
Ги повикуваме сите советнички групи во советот на општина Битола без оглед на политичката определеност да се приклучат кон барањето на Советничката група на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата и да земат активно учество во работата на советот и да не бојкотираат бидејќи сите ние сме избрани да носиме одлуки во интерес на сите граѓани.
Битола повеќе нема време за губење пред нас е интензивна градежна сезона во која треба да бидат реализирани голем број на проекти и за кои треба да бидат донесени битни одлуки од Советот на општина Битола без кои не може да се реализираат. Доста беше од политиканство и опструкции работата на советниците е во советот на општина Битола а не по социјалните мрежи.
Доколку некој не сака да работи и сака да опструира тогаш неговото место не е во советот и треба да поднесе оставка. “

Инаку, од 20 април кога започна контроверзната 26 седница на Советот и 24 април кога заврши, во Општина Битола претставници од Инспекторатот за локална самоуправа спроведоа анализа на законитоста на седницата, но сеуште не ги имаат доставено ниту објавено нивните наоди/заклучоци.


1189