May 29, 2023

ТППЕ од Битола доби современа опрема за лична заштита на пожарникарите

Територијалната противпожарна единица од Битола денеска доби 32 комплетни лична интервентна заштитна опрема за дејствување во градски услови – облека, чизми, ракавици и шлемови.


Набавувањето на опремата е дел од проектот “Превенција и управување со прекугранични комплексни поплави и шумски пожари –СОЛВЕ“ што го реализира Центарот за Развој на Пелагонискиот Плански Регион ( ЦРППР ), во соработка со Универзитетот Св. Климент Охридски, децентрализираната администрација на регионите Епирус и Западна Македонија од Грција, Универзитетот на Западна Македонија од Грција; проекто од вториот повик од Програмата за прекугранична соработка со Грција 2014-2020 година која е дел од Инструментот за претпристaпна помош на Европската Унија, а во која што поддршка дава и Министерството за локална самоуправа. ТППЕ од Битола е еден од корисниците на проектот за кој една третина од средствата ги кофинансираше Министерството.


„Денес ја промовираме опремата за противпожарна заштита што ја добива Пелагонискиот плански регион, општините во овој регион со кои се подига нивото на противпожарна заштита и со кои регионалната политика на Владата ја заокружуваме во целост “ – изјави денеска во Битола Ристо Пенов, министер за локална самоуправа. „Овој проект е за опрема за пожарникарите , современа, модерна опрема. Битола добива опрема за урбаните подрачја, други градови а шумските пожари … и на тој начин ќе се справуваме со проблемите кои никој не посакуваме да ги добиеме , кои во 2021 година ни покажаа дека нивото на опременост е на ниско ниво.“ – потсети Пенов, посочувајќи дека се искористени донаториски средста од Владата, Европскта Унија, Швајцарската Влада, САД, а во битолскиот дел од Проектот пари од Француската програма.


„На овој начин, се овозможува соодветна заштита на нашите пожарникари при нивните интервенции, што е многу важно при процесот на работа и делување, пред се за поголема безбедност и заштита, а со тоа и за брза интервенција.“ – рече Д-р Тони Коњановски, градоначалник на Битола, кој потсети дека Општината во моментов работи на проектот за изградба на нова зграда за ТППЕдиница, како капитален проект составен дел од изборната програма на градоначалникот и ВМРО-ДПМНЕ. „Насочени сме и кон создавање на соодветни услови за работа на противпожарната единица, преку изградба на нов Противпожарен Дом во АРМ со површина на градбата од 1495 метри квадратни. За досегашната постапка на изработка на основниот проект, општината согласно склучениот договор и програмата за економски развој, од општинскиот буџет издвои 1.298.500 денари. Со развојната програма на општина Битола, за изведба на терен, предвидени се 30.750.000 денари.“ – изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.


Голема благодарност за сите кои се вклучија во проектот упати и Д-р Борче Јовчевски, градоначалник на Прилеп и претседател на советот за развој на Пелагонискиот плански регион. „Прилеп доби 30 униформи за лична заштита на пожарникарите за шумски пожари“ – изјави меѓу другото градоначалникот на Прилеп.


Битолската Територијална противпожарна единица во моментов располага со 13 возила и 42 пожарникари, а опремата пристигнува во вистински момент, кога старата веќе се истрошила па пожарникарите морале и да позајмуваат од другите единици во регионот , изјави за медиумите Горан Димковски, комантир на ТППЕ Битола.

Фото: од денешната промоција на другите аспекти од проектот СОЛВЕ


Инаку, во проектот за минимизираат ризиците од шумски пожари и поплави Министерството за локална самоуправа учествува со скоро 400 000 евра.


1058