May 19, 2024

Градоначалникот Коњановски ќе побара вонреден инспекциски надзор

Интегрална изјава на градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски

Дозволете пред се една мала напомена. Од некои вчера бев прозван дека читам од ливчиња – да имам повторно. Моите почитувани, стари професори, говореа: Добро е да се запишува, добро е да се чита, за разлика од тие кои ме прозваа, кои ниту запишуваат, ниту читаат, а ниту знаат. Основа на сето тоа е незаконското работење – тоа добро го знаат.

Вчерашната седница на Советот, е уште една потврда за кочниците и блокадите кои што ги прави претседателката на Советот, на штета на општина Битола и нашите сограѓани.

Вакво незаконско работење, во досегашниот период не покажал ниту еден претседател на советот на општина Битола, истовремено покажувајќи непочитување на законските прописи, Деловникот за работа, а со тоа нанесувајќи негативни последици на напредокот на Битола.

Вчера имавме ситуација во која, спротивно на Законот за јавни претпријатија на дневен ред се поставија точки со кои советниците од СДСМ, Поинаку и Левица, изгласаа разрешување на управните и надзорните одбори и сосема спротивно на Законот за јавни претпријатија, неосновано, популистички најавија граѓански управни тела.

Врз основа на член 71 став 1 од Законот за инспекциски надзор, а во врска со член 69 став 1 од Законот за локална самоуправа, ќе поднесам иницијатива до Државниот инспекторат за локална самоуправа за да изврши вонреден инспекциски надзор над работата на Советот на општина Битола во вршењето на неговата надлежност од член 22 точка 32 од Статутот на општина Битола, според која, Советот на општината именува членови во управните и надзорните одбори на јавните претпријатија и јавните установи што ги основа и при именувањето на нови им престанува мандатот на дотогашните членови на управните и надзорните одбори.

Тоа значи, дека Советот не може само да ги разреши сите членови на управните и надзорните одбори, без истовремено да именува нови, како што тоа беше направено на вчерашната седница, бидејќи тоа не е статутарно, а воедно на таков начин се доведува во прашање работата на јавните претпријатија без органи на управување и надзор. Притоа, прекршена е и одредбата од член 17 ѓ од Законот за јавните претпријатија, во која што е утврдено во точно кои случаи може да бидат разрешени членовите на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија. Поради тоа, спорните решенија за разрешување на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија, кои што беа донесени на вчерашната седница на Советот на општина Битола, нема да бидат објавени во „Службен гласник на општина Битола“, се додека не биде спроведена и правосилно завршена постапката по иницијативата за вонреден инспекциски надзор.

Граѓаните знаат што значат ваквите постапки кои се наложени од постапувањето на претседателката Илиевска: потрошено време низ институционално докажување и индиректен притисок врз нормалното функционирање на јавните претпријатија.

Тоа е и целта на новата коалиција, која сакајќи да ме деградира, манипулира со јавноста.

За мојата работа и успешноста на локалната самоуправа потврдуваат проектите кои ги завршивме минатата и оние на кои работиме оваа година.

Очигледно на оние кои не сработиле ништо изминатите 4 години и оние кои се научени само да негодуваат, независно од која политичка опција доаѓа градоначалникот, работењето не им одговара.

Нема да дозволам, високите партиски амбиции на поединци или нечии пазарења и договарања, да и наштетат на Битола.

Продолжуваме со реализација на усвоените годишни програми и во мојот мандат ќе направам се, Битола да има подобри инфраструктурни услови, подобри услови за младите, развој на спортот, културата и се она што е во надлежност на локалната самоуправа и директно зависи од мојата работа.


1180