April 25, 2024

По повод меѓународниот ден на детето, промовиран болдер ѕид за качување со трибина за детски и младинско спортски уметнички дејности

По теркот на светските трендови и Битола доби свој Болдер – ѕид за качување за деца и млади до 18 години. Концептот и мотото на проектот е: „Преку ангажирана забава до спорт и култура“, а целта на овој проект е да ја покрене свеста за различните содржини кои ни се потребни во јавните простори, освен нишалки, лизгалки и тобогани, кои се само дел од начините за забава на децата.

Токму овој Болдер-ѕид за качување ќе придонесе за афирмација на еден поинаков начин на забава, така што децата на активен начин – преку игра, ќе имаат можност да стекнат спортски вештини, да го развиваат спортскиот дух, па и да станат врвни спортисти – амбасадори на нашиот град и држава.
Со качување се ангажираат сите физички и ментални капацитети, а со тоа децата и младите добиваат правилен психо-физички развој, но и јакнење на нивната самодоверба, храброст и решителност.


На свеченото отворање на оваа нова содржина во градскиот парк, за придобивките од проектот зборуваше градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, Генералниот конзул на Република Бугарија во Битола, претседателот на СКК Вертикал, како и претставникот на Мембранинг, Скопје. Настанот започна со голем интерес од деца и млади до 18 години.


Самиот Болдер претставува препознатливо место за собирање на деца и млади, скулптурална инсталација во просторот. Едната страна е наменета како надворешен болдер-ѕид за качување, а од другата страна, т. е внатрешната, се појавува еден мал амфитеатар – трибина за седење, одмарање, читање, театарска претстава, концерт.

Извор: Општина Битола


1056