April 17, 2024

Плата по закон и почитување на науките – од протестот на НСОН во Битола

Дел од битолските учители, наставници, професори вчера попладне со маршрута од Офицерски, по Широк Сокак, до плоштадот Магнолија одржаа протест. Предводени од независниот синдикат за образование и наука ( НСОН ), на јавноста и го кажаа својот став кон сите промени што се случуваат во образованието, и непроменливоста на нивните плати. Порачаа:
НЕ за спојување на наставни предмети: Географија, Историја, Хемија, Физика , Биологија, Етика, Граѓанско образование, Информатика, Техничко образование.
ДА, за почитување на колективните договори , достоинствено вреднување на трудот на просветните работници , 2,5 коефициент за минимална плата или, како за функционерите така и за просветните работници.

Фото: Томислав Гиевски, претседател на НСОН, приватна архива

Неспојливоста на предметите е веќе дискутирана тема, ставот на НСОН и Гиевски е дека штетата за учениците ќе биде голема, затоа што ниту наставниците знаат како ќе предаваат предмети во намален број часови, ни како ќе се одвива процесот. Ние не сме ни обучени за таква настава, краток е периодот за обука од три месеци кои се пред нас за таква настава. Немаме ни факултети кои би можеле етапно да спремаат нови генерации на наставници за таков вид на настава. Се е направено набрзина, ад хок и нема да вроди со позитивен резултат“ – вели нашиот соговорник Томислав Гиевски, претседател на НСОН.

Пеланет: Во неполн месец НСОН одржува два протести со исти барања. Нема дијалог со надлежните или сепак успеавте да остварите средба со некој од МОН или владата?

Томислав Гиевски : Како Независен синдикат за образование и наука немаме остварено средба со претставници на МОН во последниве 3 месеци. Министерството за образование и наука нема интерес да се соочи со огромниот број на проблеми со кои се соочуваат вработените во секторот образование. Единствената комуникација со државните институции се одвива преку Економско социјалниот совет.

Пеланет: Барањето за повисоки плати на наставниот кадар во сите образование степени е реакција заради високите плати на функционерите или пак реална потреба?
Томислав Гиевски: Како Независен синдикат за образование и наука бараме да се почитуваат колективните договори. Во истите е јасно наведено дека платата на наставникот се добива на тој начин така што најниската плата во државата се множи со коефициент 2,5. Во оваа фаза, синдикатот нема побарно зголемување на платата, БАРАМЕ да се исплаќа платата која по закон односно колективен договор ни следува.

Пеланет: Дали има разлика во висина на плата со приватните училишта, дали имате поддршка од наставниот кадар ангажиран во приватните училишта?
Томислав Гиевски: До овој момент, во НСОН нема пристапено ниту еден работник кои работи во приватните училишта. По нашите сознанија, платата на вработените во приватните училишта е различна, некој од вработените добиваат повисока, а некој пониска плата во споредба со државните училишта.

Пеланет: Кои промени се најавени или ненајавено се реализираат во однос на колективните договори ?
Томислав Гиевски: Колективните договори во секторот образование се во сила од 2008 година. Од 2012 истите не се почитуваат и се заобиколуваат. Во оваа календарска година, Министерството за образование и наука и најбројниот синдикат во секторот образование донеса спогодба со која утврдија дека најниската плата за најнизок степен на сложеност е 12.000 денари (во нето износ), заобиколувајќи ја минималната плата која по закон изнесува 20.175 денари.
Колективните договори не се почитуваат и во делот на датумот за исплата на плата.
Просветните работници никогаш немаат добиено плата на време, односно на 10-ти како што е наведено во самите колективните договори. Не се исплаќа ниту додатокот за работа со деца со посебни потреби кој е јасно наведен.

Фото: од протестот во Битола, сопственост НСОН


Пеланет: Многу политички коректни учебници , а ниту еден во рацете на учениците. Политичката афера си е засебна приказна. Треба да се има учебник в ранец и да се носи неговата тежина или учениците може да учат од интернет. Проблемот е изворот или содржината?
Томислав Гиевски: Учебниците се неопходни за нормално реализирање на образовниот процес. Нивниот недостаток го намалува квалитетот на образованието, а исто така многу е битно каква содржина имаат истите. Ненавременото печатење и дистрибуирање на учебниците не доведува до намалување на квалитетот на образованието, а не можеме да ги изоставиме и многуте грешки кои ги има во дел од учебниците.
Пеланет: Електронски дневници, државна матура, компјутери во образованието, училишта безсанитарни јазли и на крај без ученици. Колку е тешко да се биде наставник/ професор ?
Томислав Гиевски: Тешко е да се биде наставник. Голем дел од просветните работници се жртви на образовниот процес кои има многу недостатоци, недоречености и законски контрадикторности. Наша задача како НСОН е да ја олесниме работата на колегите, да создадеме поголема заштита која треба да доведе до благосостојба при извршување на работните задачи бидејќи секој еден од нас поминува скоро половина живот во работната организација.

Фото насловна: од протестот на НСОН во Битола, сопственост на НСОН


1501