Заврши фестивалот Илинденски денови 2023 – се подготвува следниот
53 издание на фестивалoт „Илинденски денови“ ја покажа моќта на поврзувањето на луѓето преку запознавање и препознавање на фолклорот: митовите, легендите, обичаите,начините, играта, пеењата, мислата којашто ја креира различноста и почитувањето на таа различност, насловена идентитет.





Ова издание на Илиденски денови бележи преку 60 поединечни настани поделени во два дела – официјалниот танцувачки и, придружниот едукативен низ кој се преплетија ликовните работилници и изложби со фолклорни мотиви, етнолошкиот семинар и филмскиот фестивал на етнографски филмови, изложба на традиционалните македонски везови, изложба на копаници.







Фото: од придружните манифестации, сопственост Илиденски денови, автор Ивона Кочов
Најмладите осознаваа за симболиката на маската, етнолозите и антрополози за современата филмска етнографија, а играорците ги претставија мелодиите и игрите на своите народи. Пренесоа позитивна енергија и ја размрдаа публиката која едвај наоѓаше засолниште од високите температури кои во екот на фестивалот достигнаа и 38 степени Целзиусови. Затоа што Центарот за култура како организатор на Фестивалот и годинава понуди прослава на чалгаџиска, староградска и традиционална музика на секое ќоше од градот – секаде кадешто има јавен простор што дури и наликува на плоштад се случуваше некаков концерт, на пладне.




Вечерните концерти годинава во Офицерски потсетија многумина од повозрасните битолчани на 70те години кога објектот бил дел од седиштето на армијата ( онаа југословенската) па за да се влезе во тогашната летна бавча на Домот на офицерите требало да се мине и покрај вооружени војници, а дефилето на учесниците се реализираше пред политичките и културни работници лоцирани на балконот од стариот театар.

За фестивалот во градот дојдоа 1.200 учесници , но, ако тргнете од саатот надолу кон Офицерски се забележува дека во моментов градот е локација на 5пати повеќе граѓани на светот. Само за „Илинденски денови“ во Битола се наоѓаат играорци од Мексико, Чиле, Грузија, Ирска, земји од Балканот.

Маја Андоновска Илиевски, директор на Центарот за култура зборувајќи за пораката што се испраќа преку слоганот „Отворен круг“ вели дека „насловот“ се докажа оправдан: “Се отворивме за нови пријателтва, нови вкрстувања, ги испочитувавме сите различности , а цврсто се потпревме на своето, верувам дека кругот го отворивме за идните генерации кои ќе го наследат и треба да го продолжат аманетот на Фестивалот.“










Свеченото затворање на 53 издание ги донесе и традиционалните признанија/награди за македонските ансамбли :
-најуспешна група што презентираше традиционална музика и игра беше прогласена КУД “Весели пензионери” од Пробиштип.
-најуспешна група што презентираше староградска музика и игра беше прогласена вокално инструменталниот ансамбл “Распеани струмичани” од Струмица.
-соло инструментална изведба -за најуспешен беше прогласен Теодор Грујовски, инструменталист на гајда на ансамблот “Гоце Делчев” од Битола
-најуспешен инструментален состав жири комисијата го прогласи оркестарот на КУД “Осми октомври” од Крива Паланка.
-Ансамбл со најкомплетна изворна носија беше прогласена КУД “Русалии” од Секирник.

Битола наголемо пулсира во духот на етно музиката , фолклорот, одбележување на националното и народното во светот. Овде се и учесници од различни профили за битолското културно лето – фестивалот Битфест, по некој од учесниците на фестивалот за етномузика Локумфест, а од 3 август започнува и фестивалот на детски театар Битолино кога се очекуваат млади „театарџии“ од Израел, Хрватска, Словенија, Исланд.Се на се, од 19 јули Битола 13 дена беше центар на презентација на целокупната македонска музика, игри, обичаи и место кадешто се запознава друга култура.
И секако на една прекрасна забава која никого не го остави без позитивни чувства.