И покрај редовните контроли, во Битола сеуште во кафулиња се продава алкохол на малолетници
Министерството за внатрешни работи, Сектор за внатреши работи Полициска станица Битола денеска информира дека синоќа и рано утринава од 23.00ч до 02.00ч заедно со инспектори од пазарен, трудов инспекторат и Центарот за социјални работи спровеле акциска контрола во угостителските објекти во градот.
Пронашле и утврдиле дека „При контролата на ракометното игралиште, било констатирано дека правен субјект кој организирал концерт послужил тројца малолетници со алкохолни пијалоци. Додека, при контрола во угостителски објект на ул.„Широк Сокак” во Битола биле затекнати двајца малолетници на пробна работа послед 24.00 часот. При контролата бил извршен преглед над 35 лица, а за сите констатирани неправилности ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. “ – стои во соопштението објавено на официјалната интернет страна на МВР.
Не е првпат СВР Битола ПС Битола да објавува вакво соопштение, а во неделата што измина, во инцидентот на тепачка на малолетници, беа видливи и последиците од влијанието на алкохолизираноста врз малолетници.

Член 37 од Законот за угостителска дејност предвидува дека „Во угостителските објекти е забрането послужување на алкохолни пијалаци на лица под 18 години и послужување на алкохолни пијалаци од страна на малолетни лица.“!
Угостителите, според законов се должни на видно место во угостителскиот објект да истакнат натпис со содржина млади лица со возраст под 18 години не се послужуваат со алкохолни пијалаци. Предвидена е дури и димензијата на таблата : 20 х 50 см.
Законот предидува и дека угостителите се должни да ја утврдат возраста на лицето од ставот 1 на овој член врз основа на соодветна исправа, но , или тоа не се прави или американските филмови во кои се прави фалсификат на личната карта имале поголемо влијание отколку што било очекувано.