Битолските штркови се подготвуваат да заминат на југ
Во Пелагонија и битолско постои верување дека на св.Пантелејмон битолските штркови ја започнуваат својата втора годишна преселба кон топлите краишта.
Доказ за тоа на овој голем верски празник добивме од читател на pelanet.mk кој ни испрати фотографии од едно семејство штркови кои непосредно пред нивното долго патување слетаа во водите на последната битолска делница од реката Драгор „на подготовки“.



Фактот дека денеска ги нема, го поттикна нашиот читател да ги испрати фотографиите направени за своите деца.
Животот на штрковите е тесно врзан со населението, а во ланецот на исхрана им се жабите, рибите, планктон, некои видови алги и бактерии. А тој дел од р.Драгор изобилува со жаби. Па така „подготовките“ се случиле непосредно пред нивното далечно патување или само прелет до некое место во Пелагониската рамнина од каде сите штркови заминуваат заедно.
Белите штркови, кои што годишно се во голем број застапени во Пелагонија, мигрираат од Европа во месеците август и септември, и се движат кон Африка. Зимското време го поминуваат во саваните на Кенија, Уганда како и Јужна Африка, кадешто живеат во колективи, вообичаено со повеќе илјада штркови. Нивното враќање во Европа е во февруари и март, како предвесници на пролетта и новиот живот.

Културата на западноевропските земји во ова ја пронашла основата за преданието дека штрковите ги носат бебињата, имајќи го предвид фактот дека од нивното доаѓање во март-април до нивното заминување во август-септември има толку време колку што луѓето ги носат своите бебиња.
Можеби преданието започнало од времето некои родители не знаеле како да реагираат на прашањето„ од каде доаѓаат бебињата“ или кога во екстремни случаи децата ги седнале родителите на камен и им рекле „сега ќе ви кажам како да добијам братче…“Но, легендата за „Силјан Штркот“ запишана од Марко Цепенков упатува на една друга симболика за младите генерации од Македонија.
Годишните циклуси лето /зима предизвикуваат промени на климата при што штрковите ( и другите преселници) мора да се навикнат за да преживеат и осигураат потомство за нивниот вид. Тоа е вродена техника за преживување.

Штрковите се поврзуваат со семејството и бебињата со векови наназад. Во грчката митологија, штрковите се поврзуваат со кражба на бебиња затоа што божицата Хера ја претворила нејзината ривалка во штрк која пак, подоцна, во телото на штрк се обидела да го украде нејзниот син во знак на одмазда. Во египетската митологија, се сметало дека душата не умира туку се претвора во штрк и со доаѓањето на пролетта душите на оние кои умреле, се враќаат меѓу луѓето. Во староиндиската митологија, штркот ја симболизира вредноста на семејството и пожртвуваноста.

Карактеристично за пелагониските штркови од групата бели штркови ( какви што доаѓаат во Европа и Македонија) е што своите гнезда ги создаваат како трајно решение – еднаш свиеното гнездо го населуваат секоја година, а нивниот подмладок продолжува да го користи и го „предава“ во наследство на своите млади.
Најстарото штрково гнездо во Пелагонија се верува дека е во селото Боротино, кадешто има гнездо старо 90 години, според кажувањата на жителите и, сеуште е дом за новите генерации штркови.
Во 2013 година општина Чешиново-Облешево била прогласена за Европска престолнина на штркот. Било утврдено дека на 1квадратен метар има по 2 штркови, што во тој момент било најгусто присуство на штркови од цела Европа.
Според истражувањата во 2016 г., во Македонија има 833 активни штркови гнезда. Освен во Чешиново-Облешево, ги има во Кочанската котлина, во селата Жиганци, Соколарци и Уларци, во Струмица, во Делчево и по Брегалничкиот Слив, во селото Стојаково, општина Богданци, во котлината Пелагонија и селата Боротино, Гнеотино и Кривогаштани, во Катлановско Блато, на Тиквешко Езеро, во Преспа и селото Асамати, во Охрид и селото Белчишта и на многу други места, а првата станица во Македонија на овие преубави птици е локалитетот Ѓол во Гевгелиското Поле.