April 16, 2024

Денеска започнува Богородичниот пост

Богородичниот (или Успенскиот) пост, посветен е на Богородица. Започнува две седмици пред празникот Успение на Пресвета Богородица ( 28 август) Богородичниот пост е речиси исто така строг, како и Великиот пост: од понеделник до петок е строг пост, во саботите и неделите е дозволено и масло, додека риба се дозволува само на празникот Преображение Господово (19 август). Постот започнува на 14 август и завршува со 27 август, навечерието на празникот Успение. На самиот празник, 28 август, се блажи, освен ако празникот не падне во среда или петок, и во тој случај постот е олеснет со употреба на риба.


Во продолжение текст од Преспанско-Пелагониската Епархија за овој пост.


Како бил востановен Богородичниот пост
Богородичниот пост започнува еден месец после Петровденскиот пост. Овој пост е востановен пред големите празници на Преображението Господово и Успението на Мајката Божја и трае две недели од 14 до 28 август ( 1 – 15 август, по стар стил).
Богородичнот пост дошол до нас, уште од древните времиња на христијанството.
Во беседата на Лав Велики, произнесена од него околу 450 г, наоѓаме јасно укажување на Богородичниот пост: „Црковните пости се расположени во годината така, што за секое време е предвиден посебен закон за воздржување. Така, за пролетниот пост – во Четириесетницата, за летниот – во Педесетницата (Петровденски пост), за есента, есенскиот – во седмиот месец (Богородичниот), за зимата – зимскиот (Божиќниот)“.
Свети Симеон Солунски пишува, дека „Постот во август (Богородичниот) е востановен во чест на Мајката на Словото Божјо, Која, дознавајќи за Своето претставување пред Бога, како и секогаш се подвизувала и постела за нас, иако, како света и непорочна, и немала потреба од пост; така посебно се молела за нас, кога се подготвувала да премине од овој живот во идниот, и кога Нејзината блажена душа преку Божествениот Дух требала да се соедини со Нејзиниот Син. Затоа и ние треба да постиме и да Ја воспеваме, да го подражаваме Нејзиното житие и со тоа да Ја побудуваме да се моли за нас. Некои, впрочем, велат, дека постот е востановен заради двата празници, то ест, Преображение и Успение. И јас сметам дека е неопходно спомнувањето на тие два празници, едниот – како празник кој ни дава осветување, а другиот – смилостивување и застапништво за нас“.
Конечното востановување на Успенскиот пост се случило на Константинополскиот Собор во 1166 год, кој се одржал под претседателство на патријархот Лука. Тука било потврдено, дека сите православни христијани, според древните устави треба да го пазат Богородичниот пост од 1 до 15 август (по стар стил). Валсамон, за тој Собор пишува: „Тогаш некои се сомневале за количината на деновите на Успенскиот и Божиќниот пост. Затоа, самиот светејши патријарх потврдил, дека иако дните на тие пости писмено никаде не се означени, ќе се присилуваме, сепак, да го следиме непишаното црковно предание и треба да постиме од првиот ден на август, и од четиринаесеттиот ден на ноември“.


Како да се храниме и како да ги поминуваме дните на Богородичниот пост

За време на постот, Црквата претпишува умерена употреба на храна и пијалоци, и притоа не мрсна, туку посна храна. Во Црковниот Типик, јасно е претставено и времето на употребување и видот на посната храна. Сè е строго предвидено, со цел, да ги ослаби во нас страсните движења на телото, возбудувани од обилната и сладосна храна на телото; Но така, за не целосно да ја раслабат нашата телесна природа, а – напротив – да ја направат лесна, силна и способна да се потчинува на движењата на духот и бодро да ги исполнува неговите барања.
Постот е неопходно средство за успех во духовниот живот и за здобивање на спасението, зашто постот, одземајќи ги од телото излишната храна и излишните пијалоци, ја ослабува силата на сетилните похоти. Оттука се гледа, дека и ползата од постот е многуразлична:
-постот брзо и јасно му покажува на човекот, дека за неговиот живот е потребно малку, и дека неговото здравје не зависи од преобилна, туку од проста храна и напитоци;
-постот многу брзо ги открива страстите и пороците кои господарат над човекот, кон кои што тој се прилепил со срцето, и кои неговото тело најмногу ги сака;
-постот нè прави способни за молитва и размислување за Бога и Божественото. „Кој пости, тој со добар дух се моли“, – вели св. Јован Златоуст.
Уставот на Црквата нè учи, од што треба да се воздржуваме за време на постот – „сите, кои благочестиво постат, треба строго да ги пазат уставите за видот на храната, то ест, да се воздржуваат во постот од некои јадења, не како од скверни (да не се случи тоа), а како од неприлични во постот и забранети од Црквата. Храната, од која треба да се воздржуваат во постите е: месо, сирење, животинско масло, млеко, јајца, а понекогаш и риба, во зависност од разликите на светиот пост“.
Успенскиот пост, не е толку строг, како Великиот, но е построг од Петровиот и Божиќниот пост.
Во понеделник, среда и петок, манастирскиот типик за Успенскиот пост на Црквата, претпишува да се храниме со сухојадение, то ест, да се запазува најстрог пост, без готвење на храната; во вторник и четврток – „со варење на храната, но без елеј“, то ест, без масло; во сабота и недела се разрешува вино и елеј.
На празникот на Преображението Господово, по црковниот Типик, на трпезата се разрешува риба. Од тој ден, во понеделник, среда и петок, во храната задолжително влегувале плодовите од новиот род (берба).
Постот духовен тесно е поврзан со постот телесен, како што душата наша е соединета со телото, го проинкнува, оживува и со него прави едно цело; како што душата и телото сочинуваат еден жив човек. И затоа, постејќи телесно, истовремено, неопходно е да постиме и духовно: „Постејќи, браќа, телесно, да постиме и духовно, да ја прекинеме секоја врска со неправдата“, – заповеда Светата Црква.
Во телесниот пост, на прв план – е воздржување од обилна, вкусна и слатка храна; во постот духовен – воздржување од страсни, гревовни движења, кои ги насладуваат нашите чувствени склоности и пороци. Таму – оставање на мрсната храна – похранлива, и употребување на храна посна – помалку хранлива; тука – напуштање на возљубените гревови и прегрешенија и вежбање во спротивните на нив добродетели.
Суштината на постот е изразена во следната црковна песна: „Постејќи од храна, душо моја, а од страстите не чистејќи се, – залудно се утешуваш со нејадење: зашто – ако постот не ти принесе исправување, намразена ќе бидеш од Бога, како растленета, и ќе се уподобиш на злите демони, кои никогаш не јадат“.
И Великиот и Богородичниот пост се посебно строги кон забави – во царска Русија и во Византија, дури и граѓанските закони забранувале за време на Великиот и Богородичнот пост јавни маскембали, театри, спектакли.


Извор: azbuka.ru/ pppe.mk

Фото насловна: Успение на Богородица, црква св. Богородица, Берово


1092