Градежни активности на планинарскиот дом Копанки
Со бетонирањето на темелите, продолжува реконструкцијата на планинарскиот дом Копанки, култното место на Пелистер за голем број генерации битолчани.
„Досега се изврши рушење на старата конструкција, се изврши ископ за поставување на темелите, армирање на бетонски столбови и веќе почнуваме бетонирање, со поставување на првата бетонска површина. Се надевам дека за неколку денови оваа подна плоча, првата фаза ќе биде завршена и доколку временските услови тоа го овозможат, до крајот на годината ќе бидеме сведоци на поставување на објектот до фаза на карабина. Ова е место за кое сите битолчани сме длабоко врзани, емотивно и сите љубители на планината очекуваат овој објект да се заврши. Се надевам и дека временските услови како што реков ќе ни одат во прилог и заедно ќе бидеме сведоци на оформувањето на овој објект“, рече градоначалникот Коњановски за време на увидот во градежните активности во текот на оваа работна недела.

По 10 години од опожарувањето на објектот, беше потпишан договор помеѓу општина Битола и ПСК ПЕЛИСТЕР, по што се изработи проект за реконструкција на планинарскиот дом Копанки.
Општина Битола минатата година во буџетот за реконструкција на планинарскиот дом издвои 3.8 милиони денари, а додека во буџетот од 2023 година за реконструкција на планинарскиот дом Копанки беа предвидени 2 милиони денари, по што градоначалникот Тони Коњановски предложи зголемување со дополнителни 1 милион денари, што се очекува да биде усвоено со новиот ребаланс на буџетот.
