ЗК Пелагонија и ХМС Стрежево осум години меѓусебно се блокираат, а пари даваат и за судски такси
„Раководството на Стрежево ќе ги преземе сите законски мерки и нема да дозволи земјоделците и правните лица да се соочат со рестрикции на вода, граѓаните да немаат доволно вода за пиење и да се загрози исплатата на плата на 250-те вработени, и ќе продолжи професионално и успешно да го води Хидросистемот.“
Ова е денешната порака од директорот на ХМС Стрежево, откако со јавноста ја сподели информацијата дека најголемиот хидросистем во државата се соочува со блокада заради финансиски обврски на претпријатието преземени со судска одлука.

Проблемите започнаа во 2015 година кога ЗК Пелагонија го тужи ова јавно претпријатие за нанесена штета во производството и до денес, 8 години подоцна очекува да се реализираат судските одлуки кои вклучуваат и камата на штетите по производството и продажбата на нивните производи, но и урнатиот углед на комбинатот.
„Во интерес на јавноста и транспарентноста ја свикав денешната прес – конференција со единствена тема – неодамнешните обвинувања од страна на ЗК Пелагонија во врска со блокирањето на сметката на претпријатието поради неплатен долг односно неисплатен дел од камата во износ од 26 милиони денари. – рече денеска директорот Менде Граматковски. „Јавноста е веќе запозната со постоечкиот проблем со ЗК Пелагонија кој датира од 2015 година, кога се појави свлечиштето кај село Драгарино и го оштети главниот доводен канал за вода, преку кој се врши наводнување на 20.200 хектари обработливи земјоделски површини од Пелагонија и испорака на вода за граѓаните на општините Битола, Могила и Новаци, и цевководот Г-О, со кој се врши снабдување со сурова вода на термоцентралата РЕК Битола и индустријата. Од почетокот на мојот мандат во 2017 година сериозно се зафатив заедно со раководниот тим и вработените со овој наследен проблем и големото свлечиште успеавме со големи напори да го санираме во 2018 година.“ – објаснуваше Граматковски на медиумите и јавноста.

Стрежево по основ на судска пресуда за плаќање на главен долг од 60.831.254 денари, камата од 45.184.139 денари и трошоци на постапката од 903.538 денари на комбинатот од сопствени заштедени средства, објаснува Граматковски, а вратен е и дел од каматата во износ од над 19 милиони денари. Во овој момент Стрежево му должи на ЗК Пелагонија помалку од 26 милиони денари од вкупно 45 милиони денари камата, а сите други долгови се во целост подмирени. Според проценките на ова претпријатие ЗК Пелагонија годинава на крајот од сезоната за наводнување ќе треба да ја плати на ХМС Стрежево околу 10 милиони денари, за што им била понудена компензација со средствата од пресудената камата, начин на размирување на долговите за кои претпријатитето добило дозвола од владата.
„ За жал раководството на ЗК Пелагонија во повеќе наврати одбива да склучи спогодба со одредена динамика за компензација на остатокот од каматата. “ – рече денеска директорот на „Стрежево“ Граматковски.
РАКОВОДСТВОТО НА ЈП СТРЕЖЕВО Е ЕДИНСТВЕНО ВИНОВНО ЗА СОСТОЈБАТА НА ПРЕТПРИЈАТИЕТО – велат денеска на новинарско прашање од ЗК Пелагонија

„Најголемиот производител на храна во нашата држава, ЗК Пелагонија АД Битола над 7 години трпи сериозни штети од недомаќинското работење на ЈП Стрежево. Над седум години раководството на ЈП Стрежево не ги почитува ниту една од постигнатите спогодби за взаемна соработка на рамнопправни односи. Дотолку повеќе што во 2019 година при постигната спогодба токму ЈП Стрежево ја блокира безпредметно сметката на ЗК Пелагонија и тоа во период на есенска сеидба која е од клучен интерес за финансиската состојба на комбинатот.
Сакаме да ја информираме јавноста и посебно граѓаните на Битола и цела Пелагонија дека одговорноста за водоснабдувањето на градот е надлежност на ЈП Стрежево, ЗК Пелагонија е економска гордост на Битола и регионот, но ние веќе не можеме да дозволиме да работиме на штета на нашата компанија.
Одговорноста за нерешавањето на проблемите на ЈП Стрежево е само во раководството на ЈП Стрежево.
Искрено нека одговори раководството зошто ја блокира ЗК Пелагонија цели 60 дена во 2019 година, за време на сеидба на пченица?
Колку затезни камати наплати ЈП Стрежево од ЗК Пелагонија?
Колкава фактура испостави за 2015 година кога не испорача вода и дали истата ја наплати од ЗК Пелагонија?“
ЗК Пелагонија ад Битола е водечка компанија во рамките на агробизнисот во Република Македонија.

Основна дејнст на Друштвото е примарно земјоделско производство на нивски култури како што се пченица , јачмен , маслена репа , сончоглед , пченка зрно , пченка силажа и друго, одгледување на крупен добиток , сточарско производство , рибарство, градинарсто и овоштарство. Во својата производна дејност вклучува производство и доработка на сертифициран семенски матерјал од житни , индустриски и фуражни култури и производство на концентрати за сите категории на говеда .
Високото ниво на техничко-технолошко знаење контунуираното подобрување на квалитетот и квантитетот на млечното производството , воведувањето на нови сорти и високоприносни хибриди , придонесуваат за зајакнување на позицијата на Друштвото на домашниот пазар и отворање на простор за освојување на странски пазари во регионот.
Директорот и вработените во ХМС Стрежево стравуваат за ликвидноста на претпријатието, но истите стравови ги имаат и од ЗК Пелагонија. И двете претпријатија вработуваат по 250 лица. И , и двете претпријатија се од особен јавен и државен, стратешки интерес.

Хронологија на судската постапка
-Во 2016 година Стрежево беше тужено од ЗК Пелагонија за претрпена штета во 2015 година. Основниот суд во Битола пресуди во корист на ЗК Пелагонија.
Во пресудата стои дека во 2015 година двете страни склучиле договор за наводнување на земјоделските површини на комбинатот, насадени претежно со хибридна пченка, но дека поради дефект на главниот доводен канал на системот на „Стрежево“, во одредени периоди имало прекини во наводнувањето или, пак, воопшто немало вода до засеаните ниви. Тоа предизвикало намалени приноси на парцелите на комбинатот. Според вештачењето, штетата изнесува 61.378.963 денари или повеќе од еден милион евра. Комбинатот пред судот побарал отштета од сто милиони денари, односно околу 1,6 милиони евра. Сослушаните сведоци кажале дека исклучувањето на целиот систем на ЈП „Стрежево“ се случило на 27 јули 2015 година заради активно свлечиште, по што водата во системот за наводнување била пуштена дури на 6 август.
-На оваа пресуда Стрежево се жалеше до Апелациониот суд во Битола.
-Во мај 2017 година Апелациониот суд донесе решение со тоа што жалбата на Стрежево беше усвоена и предметот беше вратен на првостепениот суд на повторно судење.
-Во јуни 2021 година Основниот суд донесе пресуда во корист на Стрежево дека нема штета ЗК Пелагонија. На оваа пресуда се жалеше ЗК Пелагонија до Апелациониот суд.
-Во јануари 2022 година Апелациониот суд во Битола донесува одлука со која пресудата од Основниот суд ја преиначува и донесува пресуда во корист на ЗК Пелагонија.
-На оваа пресуда Стрежево поднесува Ревизија до Врховниод суд на РС Македонија.
-Во февруари 2023 Врховниод суд ја прифаќа Ревизијата (жалбата)на Стрежево, пресудата на Апелациониот суд се укинала и предметот се враќа на второстепениот суд на повторно судење.
-Во јуни 2023 Апелациониот суд донел пресуда со тоа што пресудата од Основниот суд ја преиначува и пресудува во корист на ЗК Пелагонија.
-На оваа пресуда Стрежево повторно поднесува Ревизија (жалба) до Врховниод суд на РС Македонија.
-Од јули 2023 година предметот е на повторно одлучување во Врховен суд.