НЕ Е ДОЦНА ДА НАДВЛАДЕЕ РАЗУМОТ, РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ ТРЕБА ДА БИДЕ ДОНЕСЕН ЗА ДА СЕ РЕАЛИЗИРААТ ПРОЕКТИТЕ ВО ИНТЕРЕС НА ЖИТЕЛИТЕ НА ОПШТИНА БИТОЛА
Интегрален текст од обраќањето на градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, на 30-тата седница на Советот на општина Битола
Почитувана Претседателка на Советот на општина Битола, г-ѓа Габриела Илиевска
Почитувани советници,
Почитувани претставници на медиумите и гости,
Почитувани граѓани,
Ви се обраќам на денешната 30-та седница на Советот на општина Битола со констатација дека од 11 јули до денес, не успеавме да ги надминеме личните ставови, суети, желби и да застанеме во интерес на граѓаните на општина Битола сите заедно. Од 11 јули до сега одржав неколку прес конференции, повикав на разумност во повеќе наврати, одржавме и координативна средба со претставниците на советничките групи, но до денес, нема конкретни резултати, а од страна на претседателката на Советот не е закажана седница, на која ќе биде поставен ребалансот на буџетот како точка на дневен ред.
Да Ве потсетам, од моја страна испочитуван е законскиот рок за советниците да имаат можност да го разгледаат предлог ребалансот, да дадат свои предлози или сугестии, со цел на крај да биде усвоен законски ребаланс кој одговара на реалните состојби, можности и потребите на битолчани. Исто така во овој предлог ребаланс на буџетот, се обидовме да ги вклопиме најголемиот број од предлог амандманите, дадени на последната седница, но структурирани во соодветна форма, која е во согласност со законот и нема да го попречи вчитувањето од страна на Министерството за финансии. Предлог ребалансот на буџетот, ја задржува основната форма на претходниот предлог и истиот е надополнет и со други капитални проекти, за кои имаме изготвена проектна документација и се дел од развојната програма и Програмата за уредување на градежно земјиште, додека за дел од проектите преку Програмата за економски развој се планира изработка или доизработка на проектна документација.
Во Советот често од говорницата бевме критикувани дека немаме капитални проекти. Но, бројките од вториот квартал, го докажуваат сосем спротивното. До 30 јуни се реализирани 29.18% од капиталните расходи, или 111.325.057,00 денари. Нашите анализи, направени за изминатите 6 години, говорат за одлична реализација за капиталните проекти во оваа година и во изминатата 2022 година.
Најголемиот дел од средствата се исплатени за изградба и реконструкција на улици и патишта, меѓу кои се улиците „Крушевска Република“, „Стара Чешма“, „16-та“,„7-ми јули“, „Наум Наумовски Борче“, „Довлеџик“, „Македонска фаланга“, „Зборска“, локалниот пат до с. Брусник, санација на коловоз со потпорен ѕид во Девеани и други. Се работеше на изградба и реконструкција на други објекти, односно изградба на детски парк и поставување на урбана опрема, стадионот под Тумбе кафе, санации на училишта, спортски игралишта, месни заедници, партерното уредување околу Офицерскиот дом. Во завршна фаза е проектот во населбата Недопирливи, каде што се изврши комплетна промена на водоводната и канализационата мрежа, по што следи асфалтирање и поставување на улично осветлување. Во тек е реконструкција на паркинг просторот кај Спортската сала „Боро Чурлевски“, како и адаптација и санација на спортската сала и комплетно реновирање на соблекувалните, за достојна презентација на нашиот ракометен претставник Еурофарм Пелистер во Лигата на шампиони. Пред фаза на асфалтирање е мостот кај Довлеџик, а се работи и на Кружниот тек кај Ветеринарната станица. За новата зграда на Територијалната противпожарната единица се чека одобрување на основниот проект за градба, а во рамките на изработката на Генералниот урбанистички план, во моментов се изработуваат 8 студии. Пред отпочнување на изградба е колекторскиот систем и пречистителна станица во Националниот парк Пелистер, во вредност од 15.000.000 денари, проект кој се реализира во партнерство со Пелагонискиот плански регион. Во завршна фаза е дигитализацијата на услугите како приоритет кон граѓаните, со кој се овозможува значително олеснување на услугите и дополнителни можности за поголема ефективност и ефикасност на општинската администрација, преку систем за управување со документација (ДМС), геоинформациски систем (ГИС) и можност за електронско плаќање на услугите кои ги дава општината.
Кога сме кај капиталните проекти, предлог ребалансот на буџетот кој треба да го усвојат советниците, содржи надополнување со следните проекти:
- Изградба на влезот во Битола од страната на Охрид и дополнување на проектот за реконструкција на улица Довлеџик со кружен тек
- Реконструкција на влезот од Прилеп и реконструкција на улицата Владимир Назор
- Изградба на нова улица кај Дулие (каде што ќе се гради новиот маркет ЛИДЛ)
- Реконструкција на улица Булевар 1 мај (јужна страна од Црн мост до Бранко Радичевиќ)
- Доизградба на улицата СРУ 5, од која неодамна завршивме еден дел во должина од 180 метри, како и улицата СТУ 3
- Реконструкција на коловоз на улиците: Даме Груев