Се одржа првото издание „Ех, таа серенада“ (дополнето)
Композицијата „Во Офицерски“ ја отвори синоќа првата „Ех, таа серенада“ во Центарот за култура. Никола Зацески беше првиот изведувач кој го отвори фестивалот, ја доби поддршката од публиката и така со аирлија започна најновиот фестивал на староградска песна и серенади во Битола кој го има предзнакот Серенада.
Од синоќа на македонската музичка антологија ќе и се приклучат 16 нови композиции од жанарот староградски / серенада. Валцери и балади на докажани автори низ изведба на врвни имиња од македонската музичка сцена прозвучија во живо придружувани од битолскиот камерен оркестар.

Денеска од КИЦ со гордост (на што имаат секое право) информираат за успешно реализираното прво официјално издание на фестивалот на староградска музика „ Ех, таа серенада “ во Битола.
Па велат:
„И покрај неочекуваното невреме и промената на локацијата, околу илјада посетители стрпливо чекаа и ја преполнија големата концертна сала на Центарот за култура. Поддржани до своите колеги од НУ Центар за култура покажаа високо ниво на професионалност и фестивалот започна точно во 21.15 ч. со беспрекорна динамика.
Ако го мериме успехот на еден настан според насмевката на лицата и искреноста на аплаузот на публиката, тогаш можеме да биде задоволни.



Првото официјално издание на фестивалот на староградска музика „ Ех, таа серенада“ ги надмина очекувањата и ги освои срцата на публиката и музичката јавност.
Шеснаесет композиции и уште толку изведувачи со беспрекорната поддшка од Камерниот оркестар на Битола, под раководство на диригентот Владимир Димовски, испорача перфектно музичко сценско доживување. Комплименти за авторите, композиторите, текстописците и аранжерите, кои благодарение на харизматичните изведувачи создадоа френетичен амбиент во која секоја наредна песна беше ново музичко патување.

На сцената видовме дојаени на македонската народна музика и познати изведувачи, но и нови лица. Ги проследивме настапите на Ламбе Алабаковски, Димитар Андоновски, Перо Христов, Сефедин Бајрамов, Билјана Дамјановска Јанчевска, Група Боеми, Катерина Таневска, Мишко Крстевски, Христијан Тоневски, Софија Кочевска, Трио Џентлемен, Елена Ѓоргиева, Николче Зацески, Раде Стаматов, Драган Мијалковски, Игор Илиевски, кои покажаа дека на македонска музичка сцена и се потребни сериозни фестивали, нова продукција и професионални организатори. Фестивалска вечер помина беспрекорно пријатно и благодарение на искусниот водителски пар, актерите Јулијана Мавровска и Васко Мавровски кои ја најавуваа програмата и композициите.