Легендарниот Александар Турунџе
Александар Турунџов е еден од легендарните војводи на Македонската Револуционерна Организација кој својот живот го посвети за слободата на Македонија. Иако македонскиот народ го опеал во народната песна, во македонската историографија нема многу податоци за неговиот живот и неговото учество во борбите на македонскиот народ за самостојна и национална држава. Во „повлечената“ македонска енциклопедија на МАНУ од 2009, постојат само наколку редови во кои е дадена биографијата на прочуениот војвода.
Од кратка биграфија на опеаниот војвода, можеме да прочитаме дека Александар Турунџов е роден на 18 мај 1871 година во Леринското село Горно Врбени. Потоа дека како војвода бил учесник во Илинденското востание во Леринско, а претходно, во 1902 година бил во четата на војводата Георги Попанчев. И на крај, дека по предавството во 1904 година бил заробен во селото Ајтос, Леринско, потоа осуден на смрт и јавно обесен на 30 август 1905 година на Ат-пазар во Битола.
Ако се точни податоците, како што вели песната дека бил шеснаесет години војвода, а на седумнаесет го фатија, неколкуте дадени редови не можат, а да не ја предизвикаат љубопитноста што точно се случувало во животот на војводата Турунџе.
Истражувајќи, наидуваме уште на неколку податоци, во кои се вели дека како млад станал член на Македонската Револуционерна Организација и прво извршувал посебни задачи. Дури во 1902 година влегол во четата на Попанчев. За време на Илинденското востание, заедно со четата на Михаил Чеков и Георги Попхристов учествувал во нападот на железничката станица во Екши Су (Горно Врбени). По неуспехот на востанието, тој е еден од раководителите кои останал во Македонија и учествувал во обновувањето на револуционерната мрежа во Леринско. Според поддатоците за кои се наведува дека се од грчки извори, на 13 мај 1904 година, меѓу Суровичево и Ајтос, тој ги убил андартите Вангел Георгиев и Стерјос Волиотис од Сребрено.
Заштитувајќи го народот во Леринско од насилниците и крвниците, војводата Александар Турунџе насекаде бил омилен гостин. Висок, силен, со стројна става и бестрашен, Турунџе влевал страв кај насилниците, но бил популарен кај народот. Меѓутоа, непријателите не мирувале и кон крајот на август 1904 година, во селото Ајтос бил предаден и фатен војводата Александар (Алексо) Турунџе.
По повод „100 македонски години од Илинденското востание и 100 години од македонската државност“, списанието „Македонско време“ (јули 2003 г., стр. 24-25), се осврнува на овој настан во текстот „Смртта на Турунџе“. Во дел од текстот кој ви го пренесуваме стои:
„Кон крајот на август 1904 година во с. Ајтос беше предаден војводата Алексо Турунџев и жив фатен. Тој спиеше сам во една соба кај еден негов верен пријател. Подлиот “пријател” и` соопшти на власта дека Алексо спие со длабок сон, и поведе една група војници. Тој ја отвори внимателно вратата и десетина војници се нафрлија на Алексо и му ги врзаа рацете.
Другарите на Алексо, кога разбраа за случајот со нивниот војвода, се смутија, се исплашија и не помислија да употребат оружје за ослободување на нивниот војвода. Кокончето, кој беше помошник на фатениот војвода, ги поведе четниците и ги префрли во костурскиот реон. Во селото Руља тие успеаа да влезат во врска со четата на Поп Трајков и ги наговорија неговите другари да го напуштат војвода Коте од Руља и да се присоединат кон четата на Кокончето.
Тоа беше подвиг на Кокончето. Но оставањето на својот војвода Алексо Турунџев во моментот на неговото фаќање несомнено е црна точка на пројавена слабост во неговата нелегална дејност.
Кокончето, кој е жив, ни ги објаснува околностите при кои е фатен Алексо:
„Војводата ни кажа дека тој оди при својот сакан пријател и дека ние четниците не треба да се беспокоиме за него. Во случај ненадејно ние да го употребите оружјето само ако го чуеме грмежот на неговата пушка. Такво нешто немаше. Војниците го фатија војводата. Кој го предал, како се доверил тој, кој го скроил тој оригинален план за неговото фаќање, за мене е темно. Очевидно, фаќањето е организирано дело“…
Тие се причините зошто Кокончето не ги повел своите другари во напад да го ослободи својот војвода. Турунџев лежеше во истражен затвор близу една година. Судот го осуди на смрт со бесење и го обеси, а другиот војвода го осуди на доживотен затвор.
Во годините по Илинденското востание беше на сила една царска наредба, која предвидуваше сите дела од нелегален карактер по Илинден да се амнестираат и дека по тој датум фатените лица и тие што подлежат на суд ќе бидат осудени на смрт. Но, од фатените двајца војводи, интересен случај е фаворизацијата на Леко Џорлев од страна на судот, кој го осуди на доживотен затвор, а Алекса Турунџев го обеси. Тоа предизвика недоумение меѓу народот, кој се интересираше за судбинта на своите апостоли и борци за неговото ослободување.
Турската влада го осуди Турунџев за неговата дрскост и неговото предизвикувачко држење спрема судот и власта, и поради навредливите зборови искажани пред судот на адреса на султанот“ – пишува во текстот посветен на смртта на Александар Турунџе.
Омилениот македонски војвода пред судот се држел храбро и се заканил „дека сака да го убие султанот и фесовите да ги замени со шапки“. За такво држење пред истражната власт и пред судот Алексо Турунџев бил обесен на 30 август 1905 година на Ат-пазар во Битола, а македонскиот народ во спомен на овој настана ќе ја испее прочуената песна „Бесењето на војводата Александар Турунџов“ во која пее:
Црно му било пишано
на Александар Турунџов:
шеснаесет години војвода,
на седумнаесет го фатија.
Го кладоа во долапи,
во тешки пранги железни.
Бог да го бие пашата,
тој валијата битолски,
тој на Александар говори:
-Кажи бре, кажи Александро,
што си досега направил ?
-Ми одговори Александар:
-Дегиди, пашо битолски,
не ли ме прашаш, распрашаш,
се` право ќе ти раскажам:
к’шлите сум ги изгорил,
железници бомбардирал,
Турците сум ги истепал,
анките сум ги одбулил.
-Тогаш се паша налути
и луто ми го излага:
-Ја излези, бре Александро,
надвор е твојата невеста
со машко дете на раце!
Се израдува Александро,
излезе од долапите.
Тогаш му раце врзаа,
на бесилка го однесоа,
на бесилка, на Ат-пазар.
Дојде поп да го отпева
и дробни солзи пророни.
Александро му прозбори:
He плачи, дедо, не жалај!
Ако ме мене обесат,
поарни ќе се од мене,
поарни храбри војводи!