На Трчај бе 2023, Дарио Ивановски постави нов национален рекорд во полумаратон

Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски од Скопје е старо-новиот балкански шампион со нов национален рекорд кој денеска го постигна на манифестацијата „Трчај, бе“ во Битола. Патеката долга 21 километар, Ивановски ја истрача за 1 час, 4 минути и 45 секунди.

– Среќен сум што ја одбранив титулата Балкански шампион која претходно ја освоив во Тирана. Се радувам што тоа се случи во Битола, на манифестацијата „Трчај, бе“ на која учествувам од нејзиниот почеток. Патеката е тешка, но на тешки услови се гледаат хероите. Денес истрчав рекорд и го подобрив мојот воедно и државен рекорд кој досега беше 01:06:09, а денес истрачав за 1 час, 4 минути и 45 секунди, и тоа е подобро постигнато време – изјави Ивановски за МИА.

Со златен медал на трката од 21 километар се закити и атлетичарката Луиза Гега од Албанија, а награди беа доделени за најуспешните натпреварувачи во поединечна женска и машка конкуренција, како и во екипното натпреварување на патеките од 5 и 10 километри.

На трката низ битолските улици годинава учествуваа околу 2.000 вљубеници во атлетиката од државата и странство, а Атлетската федерација на Македонија го организираше националното првенство каде учествуваа 40 натпреварувачи и Балканското првенство каде учествуваа атлетичари од седум држави.

– Атлетичарски трки кај нас се организираат на стадиони, улични тркови низ градови и на други места, но за жал ние и понатаму немаме услови за тренинг. Во земјава има само две патеки за атлетичари, клубовите се принудени да се снаоѓаат, да тренираат во паркови и слично, но верувам дека државата ќе помогне, ќе инвестира во изградба на трим патеки и достојни услови за сите љубители на трчањето – изјави Дејан Ангеловски, генерален секретар на Атлетската федерација на Македонија.


1100