79 ГОДИНИ ОД БЕГСТВОТО НА ПОЛИТИЧКИТЕ ЗАТВОРЕНИЦИ ОД БУГАРСКИОТ ФАШИСТИЧКИ ЗАТВОР КАЈ ЦРН МОСТ
Денес се навршуваат 79 години од бегството на политичките затвореници од Централниот областен фашистички затвор во Битола. По тој повод, на местото, каде што некогаш се наоѓал затворот, во близина на „Црн мост“, свежо цвеќе положија, заменик градоначалникот на општина Битола, Бојан Бојкоски, претседателката на Советот, Габриела Илиевска, советници од Советот на општина Битола, како и претставници на Сојузот на борци.
На 6 септември во 1944 година, се случило бегството на политичките затвореници од Централниот областен фашистички затвор во Битола, каде беа затворани политички затвореници од целата битолска околија.
Фашистичкиот воен суд во Битола изрекол казни за над 250 учесници во Народноослободителното и антифашистичко движење. Над 50 од нив беа осудени на смрт со бесење, над 20 беа осудени на доживотна робија, а другите на временски казни со строг затвор од една до 20 години.
Соочена со поразот на фашистичката власт, Управата на затворот, три дена пред капитулацијата на Бугарија била приморана да дозволи да се отворат затворските порти и околу 120 политички затвореници избегале од него. По бегството од затворот сите политички затвореници успешно се вклучиле во завршните операции на македонската војска за конечно ослободување од окупаторот.
Денешниот ден е сеќавање на хероите, кои несебично ги дадоа своите животи за слободата на Македонија.