Во градот на автомобилите …на денот без нив
Тесни сообраќајни грла, автомобили паркирани од сите страни на улиците, исполнети платени паркинзи и покрај несогласувањата што граѓаните ги имаа кога се предложи и воведе идејата за платени паркинг зони . Пешаци кои надолго расправаат насреде пешачки премин, возачи кои нервозно им викаат на тие што решиле да излезат кога овие возачиве имаат важна итна работа…сообраќајна култура, блиску до нула.
И покрај сите обиди на локалната самоуправа заедно со одговорните од сообраќајната полиција и 15на други организации и асоцијации за зголемување на безбедноста во сообраќајот преку намалување на тесните грла, спроведување на посебен сообраќаен режим со едносмерни улици и слично, градот е преполн со автомобили: неколку генерации во семејствата имаат по неколку автомобили, дел од нив имаат и мопед со помали или поголеми коњски сили. И сите сакаат секојдневно да пристигнат на својата дестинација што побрзо и да паркираат што поблиску – до кафулето, продавницата за чевли или фризерката….ако треба ( а редовно треба) и на другата страна од обележаното паркинг место.

„Гледајќи статистички бројот на автомобили е зголемен, во последните две години споредбено со минатите години. Меѓутоа со нашата упорност од најмала возраст кај децата од градинките и основните училишта преку нашите едукативни работилници успеваме да проработиме на свеста од најмала возраст да фаворизираме помалку автомобили, а повеќе алтернативни начини како тротинети ,велосипеди со што би постигнале поздрава животна средина и секако побезбеден сообраќај. “- вели Сања Стаматовска, портпарол на СВР Битола, институцијата којашто со МВР го организираа одбележувањето на Европската недела на мобилност во градот и последниот ден од оваа манифестација насловен “Ден без автомобили“.
Битола е само еден од скоро 3000 градови од 43 земји, главно од европскиот континент и Аргентина, Чиле и неколку други кои во континуитет работат на промена на навиките на битолчани – наместо со автомобил низ градот да се движат пеш, или на велосипед или тротинет (ролшуи и ролери?)…




Статистиката, кога аголот на гледање е бројот на возила за последните 10 години е поразителна – во 10 години Битола изгуби граѓани, а доби возила. Со пописот од 2021 година разбравме дека населението во градот е намалено под 100.000, а според информациите од СВР Битола, во последните 10 години во ПС Битола се регистрирани околу 13.000 возила. Тука секако се вбројуваат сите автомобили, транспортни средства на физички и правни лица, а и моторните возила на населението од 80тина села кои припаѓаат на општината.
Со 13 илјади возила повеќе отколку пред 10 години, во град во кој улиците не може да се булевари, ниту коловози со три ленти, се добива малку поинаква слика за проблемот наречен сообраќаен метеж и, улогата што сите граѓани, а не само надлежните мора да ја одиграат. Вака поставено, сообраќајниот метеж во Битола може да биде надминат само со исклучување на моторизираните возила од сообраќајот.
А потоа се доаѓа до темата јавен превоз.

„Во однос на јавниот превоз, ние во следниот период ќе имаме една акција кадешто возните редови на јавниот превоз ќе биде поделен на граѓаните – вели Сузана Елковска, претседател на општинскиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, советодавно тело на Општина Битола.
„Досега предлагавме автобуските постојки да се реновираат, хоризонталната и вертикалната сигнализација да биде секогаш во добар ред и видлива. Корисниците на јавниот превоз се поделени во три категории, оние кои редовно го користат и знаат кога се општинските јавни линии, оние коишто повремено го користат и оние кои никогаш не го користат. Па токму затоа како општински совет за безбедност во сообраќајот на патиштата гледаме да ги поттикнеме што повеќе да го користат овој јавен превоз. Посебно тоа ќе се актуелизира за време на деновите кога е загрозена животната средина.“-вели претседателката на општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патишата. До граѓаните препорачуваат да не се вози само по едно лице во автомобил како што често знаеме и тоа за дестинацијаја којашто е најблиску до местото кадешто сме пошле, а за целосна слика на состојбите во наредниот период планирана е голема анкета на граѓаните. Решението во град кој се менува и развува неможе да биде еднократно, но исто така е сигурно дека треба да бидат вклучени професионалци од секторите на јавниот транспорт, велосипедизмот, социјалниот развој, одржливата мобилност и урбаната политика.

Нивните препораки сепак треба да ги реализираат политичарите, што подразбира дека единствената сигурна опција за решавање на сообраќајниот метеж во градот (додека не добиеме воздушно метро или хеликоптерски линии) се едукативните активности. Како тие на СВР Битола, насочени кон најмладите, децата во градинките и основните училишта. Но и активности како манифестацијта Европска недела на мобилност. Во оваа насока и со цел одржлива мобилност, градот за првпат е проектно подготвен за изградба на тротоари и вело патеки во должина од над 5 километри, рече денеска градоначалникот Коњановски.
Глобалната а Европска кампања доделува и награди за општини кои направиле значајни промени во овој сегмент од градското , урбано живеење.