Лоренс Шер: Платформата Шотдек е славење на филмовите

„Шотдек (Shotdeck) e буквално славење на филмовите. Овде ќе најдете фотографии и видео материјали од илјадници филмови. Можете да одберете било кој. Овде можете да најдете слики и видеа кои ќе ви послужат и само за инспирација.“

Ова денеска го истакна американскиот кинематографер Лоренс Шер, на денешната презентација насловена како „Разговор со пријателите“, која се одржа во киното „Манаки“ во Битола. Пред присутните во публиката, кинематограферот на легендарниот „Џокер“, но и на „Гарден стејт“ и на „Диктаторот“, ја презентираше платформата Шотдек, чиј основач е самиот. Тоа е најголемата светска база на податоци за кинематографски слики, основана во 2014 година и е направена од филмски работници за филмски работници. Иако првично имала за цел да понуди пребарување и категоризација на омилените снимки, еволуирала во неверојатен ресурс што ја слави кинематографската уметност и уметниците кои ја создаваат.

Заедно со неговите колеги Анастас Мичос, Шејмус Мекгарви и Ула Понтикос, споделија искуства од различни филмски сетови на кои работеле. Зборуваа и за интересни локации на кои снимале филмски сцени. Меѓудругото, кинематограферите зборуваа и за „грешките“ кои ги правеле во минатото на филмски сетови.
Извор: ИФФК „Браќа Манаки“
