April 25, 2024

ОПШТИНА БИТОЛА ДЕЛ ОД ЕВРОПСКИТЕ ГРАДОВИ КОИ ЈА УНАПРЕДУВААТ УРБАНАТА МОБИЛНОСТ ПРЕКУ ИЗГРАДБА НА ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ

Од 4 до 6 октомври, во Севиља во Шпанија, во соработка со шпанското претседателство на Советот на ЕУ, се одржуваат Европските денови на урбана мобилност, каде специфичен фокус е ставен на можностите за транспорт.

Деновите на урбана мобилност ги поврзуваат политичарите, локалните власти, индустријата и лицата кои работат во областа на урбаниот транспорт со Европската комисија со цел вмрежување, споделување на искуства и дискусија за одржлива, иновативна и правична иднина за урбаната мобилност во Европа.

На настанот од Република Македонија, присуствуваат претставници од градовите Битола, Охрид, Велес и Струмица. Претставникот на општина Битола, Венцо Шишкин, раководител на одделението за економски развој, информира дека, општина Битола за првпат станува дел од општините, кои имаат сериозен пристап кон прашањето поврзано со урбаната мобилност, во контекст на кое општината става посебен акцент на потребата од изградба на велосипедски патеки.

Македонските општини кои се дел од настанот, веќе реализираат проекти преку програмата „ЕУ за општините“ со цел да придонесат за подобар квалитет на живот на граѓаните и почиста и поздрава животна средина преку зголемување на капацитетите на општината и воведување иновативно решение за урбана мобилност.

Во Општина Струмица се реализира проектот од програмата за прекугранична соработка со Грција за изградба на вело инфраструктура како дел од проектот „Мрежа на велосипедски градови“, додека Општина Битола, има комплетна документација и одобрени средства од ЕУ, во рамките на прекуграничната програма со Албанија за изградба на велосипедски патеки во должина од над 5 километри.


1236