April 25, 2024

За домашната храна секогаш има муштерии – Младите земјоделки во фокусот

На манифестацијата „Незаменливиот вкус на традицијата“ Битола-За да направиш традиционални македонски питулици, потребни ти се само брашно, вода и сол, но многу повеќе волја и трпение. Затоа се помалку млади прават домашна храна и се насочени на индустриска и брза храна. Но, за среќа има млади земјоделки кои имаат волја да ги зачуваат традиционалните вредности на македонската храна и автентичните вкусови на овие простори, споени во нашата традиција и да ги пренесуваат од генерација на генерација. Значаен удел во ова има и манифестацијата „Незаменливиот вкус на традицијата“ што продолжува да живее во организација на Здружениетоза едукација на земјоделците „Зелена берза“ од Битола. Битолскиот саем на храна се одржа вчера во просториите на „Синпекс“ Битола по четврти пат со финансиска поддршка на МЗШВ. Учесници на саемот беа производители нахрана и преработувачи на земјоделски производи од Пелагонискиот регион.

Виолета Јанеска е млада жена земјоделец од битолското село Бистрица, производител на јаболка, сливи, јагоди, пипер и други земјоделски призводикоја веќе неколку години наназад овошките скинати од нејзината бавча знае даги зготви во вкусни рецепти, од нив да направи своевидни уметнички дела и дапривлече муштерии кои сакаат домашна направена храна.

Предноста за автентичните вкусови за овие простори подготвени во домашни

услови е што тие се без адитиви, без засилувачи на вкус, без конзерванси, вели Јанеска.

„Јас пред се’ сум производител на јаболко во селото Бистрица, оти малкумина останаа млади да го работата тоа. Најубаво е чувството кога од бавчата ќе го скинеш јаболкото, па ќе го преработиш и ќе направиш вкусен производ. Правам ‘лења’ пита, панакота со јаболко и други благи. Мене ми е задоволство да готвам дома иако младите го избегнуваат тоа, бидејќи работата е потешка, но ние успеваме да го работиме тоа со години и да заработуваме. Еден ден ни минува турбулентно. Почнува во рани зори, завршува доцна навечер и успеваме, иако последните години имаме проблем со јаболкото заради климатските промени, нападнато е од штетници и болести“, рече Јанеска, која веќе четири години е учесник на манифестацијата.

Организацијата на жени од Битола, се обидува на поедноставен начин да им ги доближи автентичните вкусови на младите и да им каже дека наједноставно е да се меси леб.

„Питулиците со лук, први се јадат, па зелничето, па обичните питулки на времето што ги викавме – жаби. Она што е наједноставно што се подготвува со вода, брашно, сол и квасец најмногу се јади. Се друго е измислено. Како организација уште го негуваме традиционалното во нас оти за жал младите се помалку имаат време за тоа, ти се насочени на готова рана, храна од ресторани, конфекционирана храна. Оваа година реализиравме проект ‘Мома меси на маса’ од каде произлезе една мала брошура-готвач и каде што се покажува како од брашно, квасец, вода и сол и една добро загреана навалена фурна може да се направи еден прекрасен леб, кој е доволен сам за себе.

Велат – прстите да ги излижеш“, рече Светлана Петковска, претседател на организација на жени од Битола со надеж дека нема да се заборави правењето на домашна храна, на лебот, како што се заборави производството на памук, на тутун, оти не се ставени на хартија за да се зачуваат од заборав.

„Затоа сакаме да им порачаме на младите колку им дозволува времето, освен одгледувањето на децата, да влезат малку и во кујната. Воопшто не е тешко и мачно туку е убаво кога на фамилијата ќе им пренесеш на масата храна направена со твоите раце, оти знаеш што си ставила внатре“, рече Петковска.

Членовите на Здружението на жени „Силата на бабата“ од општина Новаци, пензионерки, со традиционална храна пречекале многу странски гости во оваа рурална општина, од политичари до амбасадори, и што е најважно ништо не купуваат освен брашно и сол, се сами си произведуваат па дури и хумусот за бавчите.

„Домашната храна ништо не може да ја замени, се што готвиме е од наши производи. Од наш праз, спанаќ, домати, пиперка, кромид, тиква… Ништо не купуваме освен брашно. Домашното е домашно и квалитетно, но тешко е да се произведе таа храна. Младите не сакаат да работат на поле, таму сме повозрасните, но добро е што младите сакаат да готват и нашите снаи знаат да направат поубаво од нас“, вели Вера Котевска од „Силата на баба“ од селото Новаци.

Ѓорги Тошев од Битола изработува домашни кори и како што вели има разлика од кори замесени со јајца и тестенини изработени на машина. За потрошувачите вели дека само прашуваат дали има поскапување од лани со оглед на тоа што се поскапи.

„Секоја втора куќа порано си правеше домашни кори, сега заради начинот на живот, ретко кој се одлучува да замеси. Нашата изработка на кори е исто како во домашни услови со развлекување на кората, додека индустриското производство на кори е на машина под притисок и има разлика. Има голема разлика во вкусот, во содржината колку јајца се употребени, така што домашните кори во однос на квалитетот се далеку, далеку поразлични од индустриските. Што се однесува со цените на домашните кори, потрошувачите само прашуваат дали се поскапени и пак купуваат“, вели Ѓорги Тошев производител на тестенина од „Паста делиција“.

Од здружението „Зелена берза“ велат дека со манифестацијата

„Незаменливиот вкус на традицијата“ даваат придонес во зачувувањето на нашите традиционални вредности од заборав и афирмација на ситните производители на храна и преработувачи на земјоделски производи.

Анета Блажевска

Зелена берза


1171