April 25, 2024

Страв и паника меѓу Македонците во Израел, Владата се уште без чартер лет за извлекување

Расте нервозата и стравот меѓу нашинците заглавени среде воениот конфликт на израелска територија. Дел од нив, со денови веќе живеат под закана од напади, со мали залихи од храна и со минимална комуникација со македонските власти, преку амбасадата во Тел Авив.

Дел не сакаат да говорат јавно со цел да ги заштитат своите блиски во Македонија, но се револтирани бидејќи македонската Влада најбавно ги извлекува нашите државјани од ризичните подрачја.

Ова е видео на Македонка што живее и работи во едно од најзагрозените подрачја. Вели дека станот и е небезбеден бидејќи нема скривница. Помош засега не добила.

„Еве каде стоиме додека се гранатира. А се зборува дека ќе има и поголеми напади од страна на Палестина. Ние сме тука и се знаеме. Потресени исплашени и најмногу револтирани од нашиве што само зборат како нешто преземаат, а во суштина се останува само на разговори, реализација никаква“, пишува во нејзината порака.

Според неофицијалните информации до кои дојде Сител во Израел се наоѓаат околу 500 македонски државјани што живеат и работат таму. Повеќе од 200 сакаат да се вратат дома веднаш. Македонската Влада тврди дека бројот е под 100.

Хуманитарен чартер лет од македонска страна се уште не е организиран. Последните информации од Македонци што имаат заглавени блиски во Израел е дека такво нешто се планира дури кон крајот на неделата. Засега по некој што успева да се врати тоа го прави преку летови од други држави обезбедни со приватен контакт или благодарение на лични заложби од вработените во македонската амбасада.

Помош и брза асистенција од македонските власти бараат и други Македонци што живеат северно од Тел Авив во побезбеден дел, но кои сакаат да се вратат дома. Тие се во секојдневна комуникација со вработените во амбасадата.

Македонец кој пак, во моментов е на аеродромот и чека лет за Атина заедно со уште 20тина други државјани, вели дека ни таму не е обезбедна македонска логистика. Иако уште по првиот напад побарале да се вратат во Македонија, од МНР добиле информација дека евакуациски лет нема да има во брзо време и ќе бидат потребни неколку денови за тоа. Ветиле дека македонските државјани кои се на југот на Израел и појасот Газа ќе бидат извлечени до Тел Авив и таму ќе добијат безбедно хотелско сместување, но тоа не го добиле. Директно биле донесени на аеродромот.

„Ни објаснија дека во 17.00 часот ќе има лет што доаѓа од Атина меѓутоа истиот ќе доцни и не се знае колку места ќе има во него, а во меѓувреме ние да си бараме комерцијални летови за било која дестинација и да не ги прашуваме за никакви други информации поради тоа што истите не знаеле ништо. Замислете во време на војна да си бараме ние самите на аеродромот комерцијални летови што и скоро ги нема“, пишува нашинецот од аеродромот во Тел Авив.

Итен хуманитерен лет денеска побараа и од Демократски сојуз на Павле Трајанов. Сметаат дека недозволиво е да се чека на туѓа асистенција додека во Израел има воена состојба и постојани ракетни напади.

Од македонското МНР засега со технички информации. Информираат дека 9 македонски државјани вчера го напуштиле Израел преку различни транспортни рути. До сега вратени се 40 нашинци, а тврдат и дека досега во кризниот штаб асистенција за враќање дома побарале под 100 граѓани. Од МНР инфорираат и дека 20 државјани од ризичната зона утрово се прфрлени на безбедносна локација во Тел Авив.

„За жал, неколку од летовите за кои веќе беше обезбедено место дел од нашите државјани да го напуштат Израел во текот на вчерашниот ден беа откажани, па активностите за нивно приклучување во некои од денешните летови продолжува денеска. Амбасадата на Северна Македонија во Тел Авив е во постојана комуникација со сите нашите државјани во Израел и во координација со кризниот штаб“, стои во соопштението на МНР.

Остануваат на располагање и СОС телефоните….

ТВ Сител


1159