April 25, 2024

Фон Дер Лајен го претставува Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан во Македонија

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен штотуку ја започна средбата со македонскиот премиер Димитар Ковачевски во зградата на владата. Таа вчера ја започна својата четиридневна мини балканска турнеја во чии рамки освен Македонија ќе ги посети и Косово, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина. Со своите домаќини ќе разговара за билатералната соработка, детаљно на регионалните лидери ќе им го претстави Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан. Посетата доаѓа по состаноците на претседателот Фон дер Лајен во Албанија претходно овој месец, на 15-16 октомври.


На вчерашната средба со претседателот Стево Пендаровски се зборувало за процесот на пристапните преговори на земјава за членство во Европската Унија, за актуелните политички случувања во Северна Македонија и за тековните состојби во регионот. – информираат од кабинетот на претседателот. Во таа насока биле разменети информации за натамошните фази во преговорите по завршување на скрининг прoцесот и за динамиката на спроведување на реформите.
„На средбата беше разговарано за претстојниот извештај на Европската Комисија за напредокот на Северна Македонија како земја-кандидат, како и за Планот за раст на Западниот Балкан, при што претседателот Пендаровски се заблагодари за поддршката и посветеноста од Европската Унија на политиката на проширување и интеграција на земјите од Западен Балкан.
На средбата беа разменети мислења за стратешката важност од спроведување на измените на Уставот и натамошните импликации врз европската перспектива на земјава.“- стои во интернет објавата од кабинетот на претседателот.

По прес-конференцијата на претседателот Фон дер Лајен и премиерот Ковачевски што ќе се одржи веднаш по утринскава работна средба Фон дер Лајен и Ковачевски ќе посетат фабрика за преработка на овошје и зеленчук во близина на Скопје. Фабриката доби значителна помош од ИПАРД програмата финансирана од ЕУ, која и овозможи да ги подобри своите производствени капацитети, да ги извезува своите производи на единствениот пазар на ЕУ и да ги обезбеди работните места на своите вработени.

Извор: Delegation of the European Union/ кабинет на претседател на РМ

Фото насловна: од ланската посета на Фон дер Лајен на македонија/сопственост на Макфакс


1100