Трето издание на Фестивалот на Малата Школа на Краткиот филм во Битола

Од денеска 30 октомври до 3 ноември 2023 година во рамките на програмата за одбележувањето на 4-ти Ноември – денот на ослободувањето на Битола ќе се одржи Фестивал на Малата Школа на Краткиот филм.
Фестивалот на Малата Школа на Краткиот филм е филмски фестивал наменет за учениците од основните училишта и е дел од акциите за едукацијата на сликата (филмска писменост) и откривањето на кинематографската уметност што ги спроведува француското здружението Aј Aј ВО/ Меѓународниот филмски фестивал Нанси, во текот на целата година.
Во Франција, годинава се одржува 19-то издание на „Le Festival de la Petite école du film court“, додека во Битола ќе го има своето трето издание. Овој настан е покана за откривање на оригинални филмови. Забавни и во исто време со едукативна функција, проекциите се проследени со размени со учениците за да ги поттикнат да зборуваат, да им овозможат да ги изразат своите чувства, емоции, да ги поттикнат да направат чекор назад од сликата воопшто, да го развиваат своето критичко размислување, истовремено подигајќи ја нивната свест за кинематографската уметност.
Програмирани се кратки филмови, прилагодени на возраста на учениците, разновидни по нивните форми (анимирани филмови, фикција, документарци, експериментални), обработените теми и нивното географско потекло и секогаш во оригинална верзија, титлувани на Македонски јазик. Времетраењето на и дискусиите по проекциите, водени од директорката на Фестивалот Бландин Брунхес-Гламчевски, е прилагодено на возраста на публиката.
На младите им се нудат филмски дела кои ретко се емитуваат надвор од професионалните фестивалски кругови. За Битола се предвидени три програми за ученици на возраст од 9 д 11 години и за ученици на возраст од 11 до 14 години.


За прв пат годинава, на средношколската публика ќе и бидат претставени и кратките филмови, избрани и наградени од нивните врсници од Нанси за време на 29-то издание на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси, со кој претседава од 2013 година македонскиот новинар Тони Гламчевски. Фестивалот од Нанси со својата делокализација во Битола промовира ширење на кинематографската уметност и пристап до културата за сите. Мисија која е блиску до срцето на целиот наставен тим на La Petite École du Film Court.
Сите проекции се бесплатни и се одржуваат во НУ Центар за култура Битола, партнер на фестивалот се Француската алијанса од Битола и Француското конзуларно претставништво во Битола, а предвидени се и две проекции за учениците во основните училишта вo Новаци и Бач. Реализацијата на овој фестивал финансиски е помогната од Општина Битола и Францускиот институт – Скопје, како една од акциите за ширењето на франкофонската култура и францускиот филм во Македонија. Свеченото отворање ќе се одржи во 18.00часот, во малата сала на НУ Центар за култура.
Извор : Центар за култура Битола
