April 25, 2024

Свежо цвеќе во спомен на италијанските војници кои се бореле на битолско тло

Пред Споменикот во Градскиот парк во Битола, беше оддадена почит на загинатите 8000 италијански војници кои за време на Првата светска војна, се бореле на Македонскиот фронт.

На свеченоста присуствуваа амбасадорот на Република Италија Андреа Силвестри, военото аташе Полковник Анџони, генералот на Карабинерите и командант на мисијата КФОР Руџеро Каподивенто, претставници на Армијата на Македонија и домаќинот, градоначалникот на Битола Тони Коњановски.

„Деновиве, во Битола се случуваат многу настани кои не навраќаат на тешката историја на нашиот град, во кој ијладници животи згаснале во различни војни. Потсетувајќи се денес, пред овој споменик, на околу 8.000 италијански жртви во периодот на Првата светска војна од 1916 до 1918 година, се потсетуваме на една мрачна ера од историјата, не само на Битола, туку и на целата Европа. Во тоа време, околу 50.000 војници само од Италија, ги напуштиле своите семејства и домови, за да војуваат на туѓа територија, закопани во ровови, изложени на куршуми, топовски и тенковски гранати и бомбардирања…Низ историјата, имало многу страдања на овие простори. Затоа, денес, од оваа локација, повторно испраќаме јасна порака, дека војните на овие простори мора да останат во минатото. А ние, сите заедно, како современици со јасни напредни визии за подобро утре да ја градиме нашата светла иднина, при тоа не заборавајќи го нашето минато“, рече градоначалникот Тони Коњановски во своето обраќање.

За свеченоста на чинот придонесоа и учениците од гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола кои ја рецитираа познатата посна на Унгарети „Сан Мартино дел Карсо“ на италијански јазик и во препев на македонски. По завршувањето на церемонијата, Амбасадорот ја посети гимназијата , каде за прв пат годинава се изучува италијанскиот јазик. Со директорката Лидија Споа, Силвестри разговараше за тековните активности и можноста за развивање на соработка со италијанските средни училишта.

Извор: Општина Битола/ ФБ на Италијанска Амбасада во РМ


1122