Во Прилеп отворена изложбата „Али Фети Окијар, истомисленик и соработник со Ататурк“

„Али Фети Окијар, истомисленик и соработник со Ататурк“ е насловот на изложбата што синоќа беше отворена во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. На 12 банери со преку 160 фотографии и фото документи, е претставен животниот пат на овој истакнат турски државник, близок соработник на таткото на современа Турција – Кемал Атататурк, а роден прилепчанец кој првите 10-тина години живеел во Прилеп.
Бил двапати премиер на Турција, петпати пратеник, претседател на турското собрание, министер за внатрешни работи и за правда, амбасадор.
Ова е заокружување на истражувачкиот проект на прилепскиот Завод и музеј за Окијар. Почна на 7 мај кога се навршија 80 години од неговата смрт.
„Голем број фотографии, документи се обезбедени од неговиот внук кој го носи името на Окијар. Во Прилеп нема податоци, само се знае дека до 10-тина години живеел во Прилеп и по смртта на татко му, неговата мајка која била по потекло од Битола и учел во воената гимназија. Станал близок соработник на Ататурк и голем државник. Проектот го почнавме симболично на 7 мај кога се навршија 80 години од неговата смрт. Целта е да ги откриваме личностите од нашата историја, од нашето поднебје, сите кои дале некаков придонес, било за Македонија, било за Балканот или другите земји, а очигледно дека Али Фети Окијар има многу дадено за развојот на демократијата, особено за прогласувањето на Турција за Република“, рече Рубин Белчески, историчар од прилепскиот Завод и музеј, автор на проектот.
Ова ја продлабочува и онака добрата соработка со Република Турција.
„Али Фети Окијар, како прилепчанец заслужува да биде претставен што е постигнато со овој истражувачки проект. Ги зацврстуваме сите наши пријателски односи помеѓу двете држави – Македонија и Турција. Можеме да го прошириме и полето на соработка како на стопански, а еве ние даваме иницијатива на еден културен план“, рече Горан Цветкоски, директор на Завод и музеј Прилеп.




Оваа изложба за Али фети Окијар е многу значајна и за нас Турците. Ова е многу битно културно обележје за Турција и Mакедонија. Среќен сум што сум дел од овој настан, изјави Бирол Оскардешлер од општината Конак од Измир во Турција кој присуствуваше на отворањето на синоќешната изложба во Прилеп.
Окијар се родил во Прилеп 1880 година. Со Кемал Ататаурк заедно учел во битолската воена гимназија. Заедно ги биеле битките за создавањето на новата, современа држава Турција.



