April 17, 2024

„Девојчето со долгата коса“ новиот албум на Стефанија, разбуди лавина од емоции кај битолчани

На 25.11.2023 (сабота), во Анастасија Центар Битола, студио Welcome to Stefanija’s Music World, како во зимска бајка се одржа долго најавуваната промоција на вториот студиски албум на Стефанија Милевска Враниќ. Најхрабрите битолчани, направија напори со снежните виулици и имаа можност да уживаат во новите песни, кои беа презентирани на доста специфичен начин, секоја просторија во Центарот беше тематски уредена за темелно да се пренеси секоја од песните и промоцијата се одвиваше во три дела. Албумот е како една автобиографска музичка приказна која пренесува пораки и сите песни се поврзани една со друга. Стилот на албумот е современ синт поп со етно-џез примеси, составен е од авторска музика и текстови на Стефанија, снимани во музичкото студио Welcome to Stefanija’s Music World, микс прави Петар Димитровски, микс и мастеринг – Владимир Аговски. Албумот започна да се создава пред 8 години, прво во форма на расказ, кој беше награден, па во перфроманс за кој беа направени и демо песните, за накрај да се создаде овој албум кој ќе го овековечи ова дело, кое носи многу информации.

Настанот започна со танцов перформанс на Екатерина, танчер на Анастасија Центар, која ја пренесуваше приказната на нарацијата „Девојчето со долгата коса“. Стефанија ја долови поентата на самиот албум дека „Девојчето со долгата коса“ е всушност таа, малото девојче кое од дете расте и се развива на сцена, се пронаоѓа, прераснува во свесна личност, повторно се враќа на основните и суштински детски потреби, односно вистинските вредности како хуманост, љубов и среќа. Се открива себеси како единка која се наоѓа на ова македонско тло, носејќи ги со себе менталитетот и културата кои влијаат врз градењето на една личност.

На промоцијата го споделија своето искуство и учесниците во албумот Владимир Николиќ (труба) и Владимир Враниќ (гитара), пред промоцијата на новиот видео запис за песната „Едно моме“, кој доби бурни аплаузи, откако ексклузивно беше промовиран само за присутните. Како што кажа Владимир Николиќ – „Во песната се пренесува токму таа инспирација која ја добиваме ние како битолчани од убавините на планината Баба и нашиот Пелистер, преточувајќи ја понатаму во музика, откако се враќаме во Битола“…, а Владимир Враниќ додаде: „Среќен сум што вистински го запознав тоа Девојче, кое долги години твори, создава и е препознатливо по долгата коса, дека е среќен што и публиката ќе ја има таа прилика конечно да го запознае ова Девојче.“

Своите сеќавања од долгогодишните уметнички соработки со Стефанија ги пренесе и нејзиниот школски другар и артист Огнен Димовски, кој додаде: – „Таа долга коса е една од сликите која ми е останата уште од детството, тоа беше нејзината супермоќ, кога ќе излезеше на сцената, немаше човек кој остануваше рамнодушен, секогаш препознатлива по својата долга коса, што и дава некоја посебна сила…“.

Инспирирана од видеото на кое Стефанија настапува како малечка, со солзи во очите се вклучи и Анастасија Зулевска, нејзината мајка, која предизвика лавина од емоции кај присутните и додаде: „Гледајќи го ова видео, ме наврати кога се создаваа прогресивни модни ревии за тоа време. Од секогаш беше посебна, родена за сцена, јас силно верував во тебе и сакам ти уште посилно да веруваш во твојата дарба што ја имаше уште од малечка…“.

Вториот дел на промоцијата беше во музичкото катче на Стефанија „Welcome to Stefanija’s Music World”, се преслуша и останатиот дел од песните „Бегаш“, „По патот на светлината“, „Да раширам кирлја“ и „После дождот доаѓа сонце“, дирекно во студиото каде таа постојано твори. Таму ги објасна сите емотивни состојби во кои поминуваше во целиот процес на себеосвестување, сите падови и возвишувања, кои се редоследно пренесени преку нејзините текстовите и музиката во песните. Акцентот е ставен на детето што постои во секој човек, постојано да го будиме, да му даваме духовна храна, за тоа да не води преку нашата душа и срце, да го реализираме тоа што вистински го сакаме од животот. Кога човек ќе се открие себеси, верувајќи во себе и во Творецот, на позитивен начин може да влијае и на колективната свест пренесувајќи ја таа боженствена љубов и среќа.

Во разговор се вклучи и дизајнерот на креативниот омот на албумот, Анамарија Мишачковска, која раскажа како и таа го доживеа Девојчето лично, целосно согласувајќи се со пораките кои се пренесуваат во самиот албум, додавајќи дека е пресреќна што албумот беше причината да ја запознае и Стефанија. Омотот има за цел да го навести новото време кое доаѓа, свет на вештачка интелегеција, но да потсети дека токму тогаш треба да ги зачуваме овие вредности, да не се загубиме себе си.

Додека траеше промоцијата, уметницата Бојана Артиновска на сцената го црташе „Девојчето со долгата коса“ кое се наоѓа под вода, како во видео записот за песната „Едно моме“, поентирајќи ја важноста на водата поврзана со телото и свесноста, тема која е исто така поврзана со нејзината нова изложба на тема „ВОДА“. Таа сподели како и се променил животот откако започна да танцува во Анастасија Центар, се заблагодари за нејзиното ослободување и трансформација, со љубов возрвраќа преку нејзината најсилна алатка – четката… Стефанија раскажа како лекот го пронајде во уметностите, пеење, танц и цртање, користејќи ги како терапија. Спојот на уметностите носи нови креации и нејзина постојана инспирација е модата покрај нејзината мајка, моден дизајнер – Анастасија.

Третиот дел беше поентирањето со превкусната посна храна, приготвена со љубов специјално за промоцијата. Гостите беа пречекани со свежо цеден џус. Стефанија поентираше дека нејзината најголема психофизичка трансформација во периодот од овие 10 години, настана токму со промената на исхраната на вегански начин или поголем внес на жива храна. Таа смета дека храната е лек и дека е многу битно да биде правена и да се конзумира со љубов и позитивна енергија.

Идејата на албумот „Девојчето со долгата коса“ е да живееш во своето родно место, да го правиш тоа што навистина го сакаш, да имаш инспирација да твориш, да создаваш и да се радуваш на животот. На тој начин поврзан со својот корен, со својата душа, ти создаваш дела кои се рефлектираат надалеку и вибрираат додека не постигнат промени во денешното живеење. Девојчето со долгата коса го одбра токму тој пат на љубовта и духовната слобода, здравиот начин на живот, креацијата, инспирацијата и создавањето. Дискот е во продажба и се наоѓа во Анастасија Центар по цена од 300 ден., исто така можат да се набават и маички со дизајнот на албумот кои се по цена од 500 ден.

Костимот за промоцијата на Стефанија го изработи Анастасија Зулевска, а за фризурата се погрижи Анадријана Петровска – Арија.

ФОТО: Александар Петровски


1296