April 17, 2024

Од идеја до влијание: Визијата на Патриотско друштво за подобра Македонија

Во срцето на современа Македонија, една иновативна и предана иницијатива обележува силно присуство со влијание, кое континуирано формира и обликува патишта за подобрување на заедницата. Патриотско друштво, со својата јасна визија и страст кон подигнување на моралните вредности и националната свест, се издвојува како значаен актер во обликувањето на денешната македонска заедница. Основано со цел да инспирира и охрабри патриотизмот, Патриотско друштво го постави своето работење на три столба: државата, верата и фамилијата. Започнувајќи како идеја и визија, Патриотско друштво се ангажира за подобрување на секој аспект на општеството.  Во продолжение на оваа статија, ги истражуваме активностите на Патриотско друштво, кое игра важна улога во поттикнувањето на позитивни промени во македонската заедница. Од едноставна идеја до инспиративна реалност, Патриотско друштво го докажува своето место како патека кон подобра и посветена национална заедница.

Во продолжение следи разговорот со Патриотско друштво

Како започна Патриотско друштво и што ве поттикна да почнете со оваа инцијатива?

Патриотско друштво започна како идеја и визија, да се подобри моменталното општество и состојбата на македонскиот народ на секој план. Сметаме дека декаденцијата на сите морални вредности и целосната незаинтересираност на Македонците на национално ниво, комбинирана со исклучиво хедонистичкиот животен стил, посебно кај младината, треба да се смени од корен.

Каква е вашата визија за Македонија и како сакате да влијаете на младите луѓе преку вашите активности?

Патриотско друштво се труди да биде платформа за сите искрени родољуби кои сакаат да го подобрат општеството во кое живееме. Посебен фокус имаме на младината за која сметаме дека треба да е двигател на Македонија во претстојниот период. Се стремиме да изградиме силна, национално свесна младина, која ќе ги почитува сите вистински вредности, ќе го има средено сопствениот живот и конечно ќе може да ја подобри и државата.

Вашиот фокус е на државата, верата и фамилијата. Како овие вредности ги вклучувате во вашите проекти и активности?

Баш така, нацијата, верата и фамилијата. Нашите производи кои се достапни на страницата секогаш вклучуваат елементи од барем еден од горенаведените постулати. Хуманитарните акции кои ги организираме најчесто се комбинација од сите три – помагаме на македонски православни фамилии. Секако, има исклучок и тука, но гледаме целта на нашите акции да бидат луѓе со коишто може да се поистовети јадрото на македонскиот народ.

Со повеќе од 27,000 следбеници на Инстаграм, како се чувствувате за влијанието што го остварувате врз младите луѓе во Македонија и кои се најзначајните предизвици што сте ги искусиле во процесот на изградба на заедницата?

Веќе некое време приметуваме дека имаме големо влијание меѓу младите во државата и дијаспората. Гледаме сè повеќе Македонци кои се интересираат за нивното потекло и историја и се трудат да направат промена, почнувајќи од најблискиот круг па до пошироката заедница. Предизвици имаше и сè уште има. Може да бидат во форма на рестрикции од самите социјални мрежи или пак притисоци и невистини пренесени од партиски и непартиски фактори во државата.

Можете ли да ни раскажете повеќе за вашите активности на социјалните мрежи, како што се постовите за моменталната политика и состојба во Македонија, објаснувањето на настани од македонската историја и слично? Како ги одбирате темите и постовите за објавување на социјалните мрежи?

Како што често нагласуваме, нашиот стремеж е да изградиме силна и едуцирана младина. Затоа, гледаме темите кои ги покриваме да опфаќаат актуелни случувања поврзани со Македонија или пак историски моменти и личности кои секој еден Македонец треба да ги познава. На еден народ можеш да му земеш скоро сè, но не и знаењето.

Како се носите со критиките на кои понекогаш сте изложени?

Критики има, и конструктивни и позитивни, и деструктивни и негативни. Конструктивните пробуваме да ги примениме со цел да ја подобриме нашата работа, а со другите научивме да живееме. Додека работиме за Македонија, тие не допираат до нас.

Донациите се клучен дел во вашата работа. Можете ли да споделите некои успешни проекти или искуства со донации што имаат позитивен ефект врз заедницата?

Баш во изминатиот период бевме активни на овој план. Во два наврати, кај фамилијата Кузмановски и кај Драги од с. Глуво, помогнавме кога им изгоре куќата. Со цел да го поддржиме брендот на Вардар дониравме сума за фудбалскиот клуб. Со организацијата Let’s spread love од Куманово дониравме училиштен прибор за социјално ранливите категории. На Македоцните во Албанија им дониравме три лаптопи за да го олесниме работењето на администрацијата и нивното попишување на пописот. За помалку од 24 часа реагиравме и дониравме 18 000 денари на семејството Николовски од кратовски Секулица кое неодамна побара помош од македонската јавност. Преку донациите се гледаат нашите вредности и заложби – вера, фамилија, нација, образование.

Како ви се одвива процесот на пишување на книгата и кои се главните теми што ќе ги опфатите во неа? Како таа иницијатива допринесува кон целите на Патриотско друштво и како се очекува да влијае на македонскиот народ во целост?

Книгата која во моментот ја спремаме ќе биде колекција од сведоштва на бранители кои дале свој придонес во конфликтот од 2001 година. Иако има неколку дела посветени на конфликтот, сметаме дека гласот на бранителите е далеку од доволно слушнат. Преку книгата се надеваме да ја подигнеме свеста кај јавноста за конфликтот, за последиците на истиот и за луѓето кои биле дел од него. Тие луѓе кои застанале на браникот на државата денес најчесто живеат тежок живот, заборавени од истата таа држава на секој план. Секако, на никој начин не сакаме да поттикнеме насилство со истата, туку идејата е да биде поучна и да ги претстави сите лоши страни на војната.

Сакаме да чуеме повеќе за продажбата на облека со вашиот бренд. Што претставува брендот и како ви помага во реализацијата на вашата мисија?

Продажбата на облека, знамиња и сите останати производи е тоа што ни овозможува да продолжиме со нашата работа. Во моментот имаме дуксери, маици, знамиња, неодамна го претставивме најновиот елек, а спремаме уште нешто за зимската сезона. Целиот асортиман можете да го погледнете на страницата patrioti.club. Самата продажба помага на неколку начини. Прв е тоа што дел од сумата соберена од секој продаден производ оди во хуманитарни цели, а другиот начин е што гледаме да ангажираме исклучиво македонски фирми за производството на самите производи. Вака помагаме и на македонскиот народ и на македонската економија.

Можете ли да споделите искуства од вашиот подкаст и како тие придонесуваат кон подигнувањето на свеста во македонската заедница?

Подкастот е нешто што го планиравме доста време, но неодамна добивме прилика и простор да го оствариме. Како и секоја емисија од овој формат, ќе гледаме да дискутираме на идеолошки и актуелни теми, често контроверзни во Македонија. Сметаме дека конструктивна дебата е клуч за подобрување, па така планираме да каниме гости кои често ќе имаат гледишта спротивни на нашите и на оние кои ние ги сметаме за правилни.

Се надеваме дека би можете да споделите неколку истории за успешни идеи или проекти што вашето друштво ги реализирало, а имаат значајно влијание на македонската заедница.

Како што споменавме во некое од претходните прашања, голем дел од нашите акции и проекти имаат хуманитарен карактери. Тука спаѓаат гореспоменатите донации но и многу други кои немавме простор да ги споменеме. Понатаму, во минатото имаме организирано еколошки акции, во многу наврати одиме да оддадеме почит на загинатите за Македонија. Оваа година земавме учество и во коњаничкиот марш за Илинден.

Кои се вашите идни планови и проекти? Како планирате да продолжите да влијате позитивно на македонската заедница, особено кај младите граѓани?

Во моментот сме фокусирани на неколку проекти – книгата, подкастот и еден новитет во нашата продавница кој го спремаме за зимската сезона. Секако големиот дофат кој го имаме на социјалните мрежи ќе го искористиме максимално да продолжиме да споделуваме и поддржуваме сè што е македонско. Младите во последниот период се на подобар пат од порано, но пред нас има уште многу работа. Се надеваме дека со други слични профили во државата ќе успееме во нашата мисија и цел. За Македонија!

Патриотско друштво продолжува да гради и води пат за подобра и посветена заедница, оставајќи го идеалот за подобро утрe како извор на инспирација за сите кои имаат визија за промени во своите заедници. Со истражување на нивната приказна, ние се вклучуваме во идеата за заедничко подигнување на свеста и одржување на вистинските вредности. Во иднина, се надеваме дека секој читател ќе најде инспирација во оваа иницијатива за подигнување на националниот дух. Нивната посветеност кон подобрување на општеството и вдигнување на моралните стандарди стануваат исклучително значаен придонес кон обликувањето на иднината на Македонија.

Следете ги Патриотско друштво и бидете дел од нивната заедница:

YouTube: https://www.youtube.com/@patriotskodrustvo7699

Instagram: @patriotskodrustvo

Facebook: https://www.facebook.com/patriotskodrustvo

Online продавница: www.patrioti.club

За повеќе информации и за да ги следите нивните активности, посетете ги нивните социјални мрежи и онлајн продавница.


1537