March 2, 2024

ПОВЕЛЕТЕ ВО БИТОЛА – ГРАДОТ НА ХУМАНОСТА

Повелете во Битола, градот под Пелистер, најопеаниот град на Балканот, градот на конзулите, клавирите, пајтоните, серенадите, според многумина, најградскиот град во Македонија!

Повелете во градот на хуманоста

6 Февруари 2023 година, ден кој ќе биде прогласен како еден од најтрагичните во поновата историја на пријателска Република Турција.

Тој ден, во раните утрински часови, десеттина турски градови во јужната погранична провинција Газиантеп, како и неколку во соседната Сирија,  се погодени од серија катастрофални земјотреси, од кои најсилниот со јачина од 7,8 степени,  според Рихтеровата скала, еден од најсилните земјотреси во Република Турција во последните сто години!

18 афтершокови се случија во погоденото подрачје во првите 24 часа, а регистрирани се неколку земјотреси над 5 степени.

Паника, страв, смрт …

Луѓето панично ги напуштаат своите домови, додека пак оние кои останаа без нив,  со солзи во очите ги гледаат урнатините, кои до пред неколку минути биле нивни домови и се надеваат дека нивните најблиски, кои не успеале да излезат, сеуште се живи.

Трагичната вест веднаш ја објавија сите светски медиуми. Снимките и фотографиите  од катастрофалниот земјотрес го обиколија светот.

Никој не знае колкумина останаа под урнатините и дали меѓу нив има преживеани. Се претпоставува дека настрадале повеќе од 50 000 луѓе…

Турција се мобилизира. Светот се мобилизира. Илјадници доброволци од педесеттина држави се упатуваат кон подрачјата погодени со земјотресот. Се води битка за секој човек, со голи раце, кучиња трагачи и механизација се бараат преживеани под урнатините. Во десеттина турски и сириски градови, стотици стамбени објекти се срамнети со земјата…

Кучиња трагачи од целиот свет им помагаат на спасувачките екипи. Благодарение на нив, многумина се спасени.

Меѓувремено има нови потреси. Паѓаат згради како кули од карти.  Бројот на загинати расте од минута во минута.

Поради страв од зарази, починатите се погребуваат во заеднички гробници. Се градат импровизирани населби за семејствата кои останаа без своите домови, стотици сопственици на хотели низ цела Турција ги отвораат вратите за бесплатно сметување на населението од погодените подрачја. Болниците низ цела држава се преполнуваат со полесно и потешко повередени лица.

Турската црвена полумесечина со апел – потребни ни се шатори, ќебиња, храна, вода …

Погодените подрачја немаат електрична енергија, интернет, храна и вода за пиење. Турскиот Претседател Реџеп Таип Ердоган прогласи вонредна состојба.

На иницијатива на Назар Салиевска и нејзините две сестри од селото Будаково, Општина Могила, населено со македонско и турско население, ден по земјотресот, на неколку локации во Будаково и во Битола, започна голема хуманитарна акција за собирање на облека, средства за хигиена, вода, храна и финансиски сретства за настраданите од катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија. Храбрите сестри Салиевски, самоиницијативно, први ја започнаа акцијата во државата, дури и пред Црвениот крст, од каде се инсистираше помош во финансиски сретства со донации преку двата мобилни оператора. Во Битола, донации се собираа три дена.

Ним им се придружија волонтери од други битолски здруженија.  За само неколку часа плоштадот ‘‘Магнолија‘‘ се преполни со донации од наши граѓани. 

Се собираше зимска облека, ќебиња, храна. Собраната помош се тарнспортира преку здружението „Биди Али“ од Скопје во соработка со Турската амбасада. 

Битола уште еднаш покажа дека е град на солидарноста. Илјадници граѓани се вклучија во акцијата, која се прелеа и во другите македонски градови. Голема хуманитарна помош се собра и во Скопје, Штип, Охрид, Гостивар…

На иницијатива на Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и Претседателката на Советот, Габриела Илиевска, се одржа вонредна седница на општинскиот совет, на која беше донесена Одлука за доделување на финансиска помош од Буџетот на општината Битола за настраданите од земјотресот во Република Турција и Сирија.

Одлуката беше донесена едногласно со поддршка од сите советници, со што Општина Битола, овозможи финансиска помош во износ од 500.000 денари. Финансиска помош доделија и соседните општини – Могила и Новаци.

Два дена по земјотресот, македонски спасувачки тимови од Армијата и Дирекцијата за заштита и спасување, како и пожарникари тргнаа на пат кон Турција и помогнаа во потрагата под урнатините од земјотресот. Пет битолчани од тимот на Дирекцијата за заштита и спасување, подрачна единица – Битола отпатуваа за Турција за да се вклучат во спасувачката мисија во подрачјата погодени од земјотресот.

Според неофицијалните податоци, повеќе од еден милион турски граѓани останаа без покрив над главата, а животот го загубија повеќе од 50 000 лица во Турција и околу 10 000 лица во Сирија


1082