March 2, 2024

Мозаиците на Газнфер Бајрам возбудливи како џез музика, битолската изложба отворена до 10декември

До 10 овој месец во кристалната сала на Офицерски може да се погледне изложбата на македонскиот реномиран уметник , академик Газанфер Бајрам.
Изложбата ја отвори градоначалникот д-р Тони Коњановски, а за врвните уметнички достигнувања и инспирацијата за изложените дела зборуваше академиј Владо Камбовски. Во продолжение дел од неговото обраќање кон публиката и фотографии од свеченото отворање .

Академик Газанфер Бајрам во потрага по универзалниот логос како морално добро
Ретка е привилегијата да се зборува за уметничкото творештво на академик Газанфер Бајрам, чиешто дела се ставени на увид на љубителите на мозаикот на сите континенти. Неговите монументални мозаици, како „Мостот“ (1997) што се наоѓа во зградата на МОБ во Скопје, шесте мозаици во салата на Собранието на Република Северна Македонија (1999), „Икаров лет“ (2000) мозаик во ВИП-салонот на Аеродромот во Скопје, трите мозаици: Танчерка, Портокалов цвет 1, Портокалов цвет 2, во највисоката резиденцијална кула Портокал чичеџи во Анкара, монументално дело „Четири елементи – универзум“ во влезот на МАНУ, делата претставени во галерии, приватни колекции или на светската културна јавност низ бројните изложби, од Белград до Равена, ја лансираат македонската и балканската култура, како сјаен елмаз во универзалниот поредок на трајни духовни и уметнички вредности. Посебноста на мигот на претставување на неговото дело во Битола, ја назначува и непосредна близина на Хераклеја Линкестис и прочуената сообраќајна артерија на римското царство – Виа Игнација по која се точкале војски, трговци, народи, низ вековен допир и размена на различни култури и влијанија од Рим до Сирија, Константинопол, Антиохија и Александрија.


И еве ја првата премисла кон која по асоцијативен пат води таквото сознание – дека ние се наоѓаме во самото средиште на европската култура и цивилизација и дека делото на академик Бајрам, кое го рефлектира сјајното македонско, балканско и медитеранско поднебје исполнето со сите можни варијанти на боите на виножитото и со неспоредливо богатство на култури на народите што ги населувале и го населуваат, е несоборлива јустификација на таквото тврдење: неговите дела ги карактеризира стремежот за уметничка синтеза, која го одразува вековната блискост и испреплетување на културните различности. И дека неговиот огромен творечки опус претставува оригинален спој на почетна определба за продолжување на римската и византиска традиција на мозаикот и развиениот оригинален пристап кон модерниот мозаик, кој на многу места не бега од класичните обрасци и симболи, истовремено давајќи им нова, современа и многукратно збогатена форма и смисла.
Тој и самиот вели: Тоа е возбудливо како џез-музиката. Во контрастите е хармонијата. Такви се моите мозаици.“

Извор: КИЦ


1166