April 16, 2024

Градоначалникот Коњановски со потсетување, опомена и најава до Министерство за образование и наука на РМ

„ПОЛИТИЧКИОТ ИНТЕРЕС Е ОСНОВНИОТ МОТИВ НА ЦЕНТРАЛНАТА ВЛАСТ ВО НАМЕРАТА ДА ПРЕДИЗВИКА КРАХ ВО БИТОЛСКОТО ОБРАЗОВАНИЕ ПРЕД КРАЈОТ НА ПРВОТО ПОЛУГОДИЕ!„ – вели битолскиот градоначалник Тони Коњановски во денешната своја прес конференција одржана во кабинетот, осврнувајќи се на фактот дека Општина Битола сеуште нема добиено согласност од Министерството за образование и наука (МОН) за ангажирање на наставници кои се ангажирани со договор и во средните и во основните училишта во градот.
„На речиси еден месец пред крајот на првото полугодие, од непостапувањето и недавањето согласност од МОН се заканува опасност битолското образование да остане без 301 наставник, во одделенска и предметна настава. “ – алармира Коњановски. Вкупната бројка ја прават 213 наставници во основните училишта , а во средните училишта бројката е 88 наставници.
Вообичаената практика е веќе во месец ноември да се имаат ваквите согласности, како би можело да се спроведат сите административни постапки без прекин на наставата.
„Имајќи во предвид дека договорите на вработените лица до три месеци за итни и неодложни работи им завршуваат во месец декември, а месец декември е последниот месец од првото полугодие кога се формираат полугодишните оценки и успехот на учениците, наставниците на кои им истекуваат тримесечните договори за работа согласно законот за образование заради не добивање на согласности за распишување на огласи нема да можат да ги формираат конечните полугодишни оценки и полугодишниот успех на учениците. – објасна денеска градоначалникот. Оттука, а „ставајќи го интересот на учениците и правото на образование над се“ Општината повторно испратила барање до Министерството за образование и наука за одобрување на бараните согласности.
Но, одговор нема.

На можна политичка/ партиска злоупотреба на дадената министерска моќ укажува фактот дека министерствата од почетокот на мандатите на градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ им одзема по делчиња од ингеренциите кои се најчесто / најмногу поврзани со именувањена директори или вработување на кадар. Битола го има примерот на одземени ингеренции во една од јавните установи за предшколско обраозвание – надлежност на Министерство за труд и социјална политика, од неодамна и со назначувањето директор во основното училиште во Кукуречани, надлежнот на МОН.
„Централната власт продолжува со партискиот интерес за одземање на ингеренциите на градоначалникот во сите училишта во општината и тоа само во делот на ангажирање на наставниот кадар, притоа не водејќи грижа за иднината на најмладите кои се дел од воспитно образовниот процес – учениците. – одговори денеска на прашање Коњановски. „Материјалните трошоци (гориво, превоз на ученици и друго) за кои општината годишно само за основните училишта издвојува околу 1 милион евра, не се во интерес на МОН и истите остануваат во надлежност на општината и во училиштата каде се одземаат ингеренциите. “ – објаснува тој.

Фото: училница, автор Иван Алексиќ, unsplash

„Бидејќи Општина Битола ги достави барањата до МОН – Скопје, а согласностите за распишување на огласи се уште ги немаме добиено, Ве молиме да ги добиеме бараните согласности како не би настанале несакани проблеми во воспитно образовниот процес од кои последиците ќе ги трпат учениците. Градењето на вредностите кај младите луѓе започнува од образованието. Не смееме да дозволиме политички удари и лични интереси, да остават длабоки последици врз нашите најмлади. Очекувам совесно работење од МОН, со цел учениците успешно да ја завршат учебната година.“ – стои во обраќањето на Општина Битола до МОН.

Фото насловна: Општина Битола


1096