Во Македонија има епидемија на корупција, ќе има нови имиња на црната листа, кажа Агелер

Постои епидемија на корупција во државата, смета американската амбасадорка Агелер. Таа вели, Анѓушев, нема да е последен на црната листа, а тие што сметаат дека не заслужуваат да бидат на неа, има начин да го изразат своето незадоволство. 

Според премиерот Ковачевски, сериозни биле наводите зошто поранешниот вицепремиер и бизнисмен Анѓушев е на црната листа. Одлуките се носеле врз основа на сопствени наводи на меѓународните институции, а обврска на домашните институции била тие да се проверат. 

Во меѓувреме, Малта објави дека Анѓушев повеќе нема да биде почесен конзул, позиција која ја имаше од 2021. Појаснуваат дека од неговото назначување, за него не добиле негативни информации, се додека тој не беше ставен на црната листа на САД. 

„Со оглед на ваквите случувања, министерството го прекинува неговото назначување, што веднаш стапува во сила и внимателно ги следи најновите случувања“.

По ваквата одлука, Анѓушев се заблагодари за мандатот, но како што вели, повеќе не може да е конзул со сенка врз неговото име. 

„Со оглед на одлуката на почитуваниот Стејт Департмент кон мене, со наводи со кои јас не се согласувам, но ги ценам и прифаќам како одлука, сметам дека не сум во можност, ниту пак Малта треба да има почесен конзул со сенка врз неговото име, колку и да е таа неоправдана. Се додека овие наводи не се преиначат, јас не сакам и не можам да се застапувам во име на која било држава или институција”, изјави Анѓушев.

Анѓушев е последен на црната листа на американскиот Стејт Департмент. Според образложението, тој бил вмешан во значителна корупција искористувајќи ја државната функција за неговите приватни и деловни интереси. 


1131