March 2, 2024

ТРАНСПАРЕНТНО И ОТЧЕТНО: ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ ГО ПРЕЗЕНТИРАШЕ СРАБОТЕНОТО ОД ИЗМИНАТИТЕ ДВЕ ГОДИНИ

Уште еднаш официјално сакам да Ви се заблагодарам за Вашата поддршка во изминатите две години, затоа што објективното, навремено и точно информирање е од голема важност за успешното функционирање на локалната самоуправа, транспарентноста на општината, што пак ја гради и довербата кај граѓаните.

Денешниот двегодишен отчет, токму во таа насока и согласно член 103 од Статутот на општина Битола, има за цел да ја информира јавноста, за реализираните проекти во досегашниот период, меѓуинституционалната соработка и секако, донесените Одлуки од Советот на Општина Битола.

Од она што е содржано во оваа публикација на Општина Битола од 116 страници, која ќе биде достапна и во печатена и во електронска форма, накратко ќе го сумирам следното:

Иако знаеме дека, не може се да се направи одеднаш и преку ноќ, во една специфична политичка ситуација, со која локалната самоуправа се соочува за првпат, во изминатите 2 години, сведоци сме дека, се менуваат и подобруваат условите во општина Битола.

Се гради и реконструира патната инфраструктура, се уредуваат јавните површини, се реализираат нови проекти кои ќе донесат подобри услови во урбаниот и руралниот дел на општината, можности за спортски напредок, одмор и рекреација, културно забавен живот, но и ќе ги решат проблемите со кучињата скитници, проблемите со недостигот на капацитети во детските градинки и ќе ги намалат причините за иселување на младите од Битола.

Во досегашниот период, го реализиравме следното:

– Извршивме изградба, реконструкција и рехабилитација на коловоз во урбаниот и руралниот дел во должина над 20 километри, а активностите продолжуваат се додека временските услови го дозволуваат тоа

– Извршивме реконструкција на постоечката и изведба на нова водоводна мрежа

– Реконструиравме и изградивме нова атмосферска, мешовита и фекална канализација

– Уредивме 6 детски паркови и тоа: во Карпош, Долно Оризари, кај ОУ Климент Охридски, на улиците Север – југ, Смилевски конгрес, а во соработка со Бимилк, направивме и ново катче во Градскиот парк.

– Реконструирано е едно кошаркарско игралиште во Брусничка населба и ракометно игралиште во ОУ Коле Канински

– Реконструирани се 2 паркинг простори и комплетно е уреден простор во централното градско подрачје: тука зборувам за паркинг просторот кај Спортската сала „Боро Чурлевски“, паркинг просторот кај улиците „Цане Василев“ и „Кочани“ и уредувањето на просторот кај поранешен ЈАТ

– Кај Офицерскиот дом веќе имаме соодветно партерно уредување и осветлување

– Изградбата на новиот парк во Нова Битола веќе е во напредна фаза, просторот се уредува и има соодветно осветлување

– Набавена е заштитна опрема и возила за противпожарна заштита

– Овозможивме поддршка за Изградба на содржини во Аванатуристички парк на Пелистер

– Поддршка за реконструкција на „Копанки“

– Го уредуваме просторот кај новиот кружен тек кој го изградивме

– Извршивме Адаптација на надворешен дел на прифатилиште за решавање на проблемот со бездомните животни и сме пред добивање одобрение од Агенцијата за храна и ветеринарство за да може прифатилиштето да започне со работа

– Ги решивме проблемите и ја продолживме изградбата на детската градинка во АРМ и во соработка со МТСП вршиме адаптација на нова детска градинка во поранешниот Дом за доенчиња и мали деца

– Реализирани се повеќе инвестиции во централната детска градинка „Мајски цвет“ и нејзините клонови

– Инвестираме во подобри услови во Домот за стари лица „Сју Рајдер“

– Се подобруваат условите во воспитно образовните објекти, тука ќе го споменам училиштето „Таки Даскало“, Гимназијата „Јосип Броз Тито“, техничкото училиште „Ѓорги Наумов“, основните училишта „Елпида Караманди“, „Климент Охридски“, „Ѓорѓи Сугарев“, вчера во ОУ Коле Канински опремивме две ресурсни простории, наскоро ќе биде отворена сензорна соба во ОУ Даме Груев, а во тоа училиште во соработка со Кинеската амбасада, поставени се фотоволтаици и конечно решено е греењето во спортската сала „Боро Чурлевски“, која ја уредивме по европски стандарди, како благодарност и поддршка за РК Пелистер Еурофарм кој после 18 години ни ја донесе шампионската титула и натпреварите од Лигата на шампиони во Битола

– Изготвени се 12 стратешки документи, важни за економски развој на Битола и 2 се во завршна фаза на изготвување, што е многу значајно при аплицирање за проекти и финансиска поддршка од различни фондови

– Продолжува изработката на новиот генерален урбанистички план

– Работиме на осовременување на општинските услуги со дигитален систем и многу скоро ќе овозможиме електронско плаќање на данокот на имот и интегриран систем за управување со документи и геоинформациски систем.

Го поддржуваме волонтерството, женското претприемништво за што денес имаме и посебни настани, а како лидери во државата во областа на еднаквите можности, активно сме вклучени во кампањата против родово базирано насилство, за што поддржавме и отворање на советувалиште. На иницијатива на локалниот економско социјален совет, настојуваме да придонесеме за заживување на Старата битолска чаршија, преку вмрежување и ставање на „Зимската приказна“, во еден културно – туристички концепт, кој верувам ќе привлече голем број посетители.

Продолжуваме со транспарентно и посветено работење за реализацијата на започнатите проекти, а веќе имаме изготвена проектна документација за 52 нови проекти.

Ова накратко претставува сублимат на досегашните реализирани проекти и активности, а пред нас е период во кој треба да продолжи реализацијата со новиот буџет, кој веќе е доставен до советниците.

Тука, сакам да напоменам дека, за креирање на буџетот, веќе реализиравме четири буџетски форуми со активно учество на граѓаните, а на кои секако беа поканети да учествуваат и советниците, за да можеме заеднички да креираме буџет, кој ќе значи потреби и приоритети на битолчани и секако идеи и предлози на советниците, кои би се вклопиле во буџетската рамка.

Имавме доволно време, сите заеднички да ги слушнеме потребите и низ конструктивен процес да донесеме одлуки за понатамошната реализација.

Голема благодарност до сите граѓани, претставници на невладиниот сектор, бизнис секторот, спортисти, културни работници и советници кои го поддржаа овој процес и жалам што советниците од СДСМ не дадоа поддршка на ваквиот начин на партиципативност, кој се одвиваше 1 месец.

Буџетот никако не може да се креира за 2 часа, особено не, во општина со 85.164 жители, кон која гравитираат 65 села.

Како предлагач на новиот буџет за 2024 година, овојпат се најдов во ситуција, каде со општинските програми ги испланирав сите проекти кои се приоритет за Битола, но ограничен со развојната програма, изменета со амандманите на советниците, финансиската рамка, морав да ја адаптирам на изгласаната програма.

Што значи тоа?

Советниците, со амандманите кои ги поднесоа и кои ги изгласаа како дел од развојната програма, не оставија простор за распределба на доволно средства во буџетската рамка за тековни проекти во повеќе области, особено во областа на образованието, спортот, културата, социјалната заштита…

Сметам дека, навистина во предложените проекти има добри и значајни проекти и на пример, на Битола, да, потребна и е тартан патека, но многу понеопходни се проекти во училиштата, тековна поддршка на спортот и традиционалните културни манифестации, на лицата на кои им е неопходна соодветна социјална заштита.

Исто така, за велосипедските патеки кои Советот ги внесе во развојната програма, сеуште имаме можност за реализација преку Проектот SMART4YOU2.

Дел од развојната програма се и други проекти, кои не се на врвот на приоритетите кај граѓаните, но го ограничуваат работењето и реализацијата на локалната самоуправа.

Затоа, ќе ги повикам советниците, да го разгледаат доставениот предлог буџет и со анализа на програмите, да овозможат измени на развојната програма, со што ќе ги ослободат резервираните средства за одредени проекти и ќе донесат програми и буџет кои ќе поаѓаат од приоритетите на битолчани, а не од партиска кампања, која не соодветствува на реалните состојби.

Кога се креира програма и се планираат проекти, најважно е да се знае: од кои ставки се одземаат средства и каде се додава, колку предложениот проект е оправдан, потребен и одржлив.

Очекувам конструктивност од Советот, соработка и давање можност за непречен почеток на работењето на локалната самоуправа, со јасен став од Советот, во однос на поддршката на спортските клубови, културните работници, образовниот процес и се она што е дел од надлежноста на локалната самоуправа и повторно ќе потенцирам: се наоѓа на врвот на приоритетите на граѓаните.

Линк за преглед на општинскиот информатор:


1112